Mintaha Neslihan Eroğlu
14 Декември 2015•Ажурирај: 15 Декември 2015
ЛОС АНЏЕЛЕС (АА) - Претставници на муслиманските организации во американската сојузна држава Калифорнија се собраа во Лос Анџелес за да го осудат тероризмот и насилството, вклучувајќи го и неодамнешниот напад во Сан Бернардино и испратија порака дека исламот е религија на мирот и соживотот, јавува Anadolu Agency (AA).
Собирот започна со интонирање на националната химна на САД, а потоа учениците од исламското училиште „Horizon“ изведоа неколку песни кои го величаат мирот, а на насобраните им се обрати градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарцети, како и верски и граѓански претставници на муслиманската заедница.
Потсетувајќи дека од почетокот на годината се случија голем број на напади поради омраза ширум светот, вклучувајќи ги и оние во Египет, Турција, Ирак, Франција и Израел, градоначалникот Гарцети порача дека не смее да се застане во напорите светот да се изгради според желбата на луѓето кои сакаат мир и слобода.
„Ние ќе успееме, без оглед на сите потешкотии. Нема да си го завртиме грбот едни на други, туку ќе живееме заедно како едно семејство, без оглед од каде доаѓаме, ниту на која вера, раса и јазично поднебје им припаѓаме“, порача Гарцети.
На собирот одржан на платото пред зградата на градските власти во Лос Анџелес, присуствуваа шефот на полициjата на Лос Анџелес (LAPD) Чарли Бек, претседателот на исламскиот совет на Калифорнија Музамил Сидики, претседателот на Шиитскиот совет на јужна Калифорнија Сејад Мустафа Ал-Казвини, американскиот глумец и добитник на наградата Emmy Едвард Џејмс Олмос, градоначалникот на Сан Бернардино Кери Дејвис и бројни други политички и верски службеници.
Собирот течеше со зајакнати мерки на безбедност, а учесниците носеа транспаренти со пораките „ДАЕШ не го претставува исламот“, „Еден свет, едно човештво“ и „Омразата раздвојува, љубовта спојува“.