Elif Gültekin Karahacıoğlu,Dilara Karataş
11 Февруари 2025•Ажурирај: 14 Февруари 2025
АНКАРА (АА) - Американскиот сенатор Берни Сандерс изјави дека Газа, која американскиот претседател Доналд Трамп ја гледа како „недвижен имот“, треба повторно да се изгради за палестинскиот народ, а не за туристите милијардери, известува Анадолу.
Сенаторот Сандерс сподели објава на својот профил на платформата X во врска со планот на Трамп да ја „преземе“ Газа и насилно да ги расели Палестинците.
Потсетувајќи дека повеќе од 47.000 Палестинци се убиени, а 111.000 се повредени во Газа, Сандерс рече дека Трамп на сите овие настани одговорил со „присилно раселување на Палестинците за идниот развој на Газа како недвижен имот“.
„Не. Газа мора повторно да се изгради за палестинскиот народ, а не за туристите милијардери“, истакна Сандерс за планот на Трамп за присилно раселување на Палестинците.
- Планот на Трамп да ја „преземе“ Газа и насилно да ги расели Палестинците
На заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кого го прими во Белата куќа на 4 февруари, Трамп изјави дека САД ќе го „преземат“ Појасот Газа и „ќе го поседуваат“.
Истакнувајќи дека Газа сега е област која е целосно уништена, Трамп тврдеше дека би било многу подобро за Палестинците да се преселат оттаму во нови населби што ќе се градат во соседните земји, особено во Египет и Јордан.
Трамп тврдеше и дека Палестинците немаат друг избор освен да ја напуштат Газа.
Освен тоа, американскиот претседател Трамп изјави и дека „сака Газа да ја претвори во ривиера на Блискиот Исток“.