Rabia İclal Turan
02 Април 2025•Ажурирај: 03 Април 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот сенатор Кори Букер вчера постави нов рекорд во историјата на Сенатот, одржувајќи говор од повеќе од 25 часа во знак на протест против политиките на претседателот Доналд Трамп, јавува Анадолу.
Демократот од Њу Џерси го започна својот говор во понеделникот во 19 часот по локално време, велејќи дека има намера да го „попречи нормалното работење“ на Сенатот и да ги истакне „сериозните и итни“ закани од администрацијата на Трамп.
Во 19:18 часот во вторникот, Букер го собори претходниот рекорд од 24 часа и 18 минути, што го држеше покојниот сенатор Стром Турмонд од 1957 година за време на неговиот филибастер против Законот за граѓански права. Букер продолжи да зборува до 20:05 часот, додавајќи уште 48 минути на рекордот. „Можеби сум уморен и гласот ми е малку зарипнат, но како што кажав повеќе пати на подиумот на Сенатот, ова е момент во кој не можеме да си дозволиме да молчиме – мора да зборуваме“, напиша Букер на платформата Х по неговиот говор.
„Верувам дека историјата ќе покаже дека го извршивме ова успешно, дека не дозволивме хаосот и поделбите да останат без одговор. Дека кога нашиот претседател избра да шири лаги и страв, ние избравме да се обединиме, да работиме заедно и да се издигнеме“, додаде тој.
Букер се осврна и на симболичното значење на соборувањето на рекордот на Турмонд, изјавувајќи: „Можеби моето его ме натера да се обидам, можеби, само можеби, да го урнам рекордот на човекот кој се обиде да ги спречи правата за кои се залагам.“
„Но, јас не сум тука поради неговиот говор. Јас сум тука и покрај неговиот говор“, рече Букер.
За време на маратонскиот говор, сенаторот жестоко ја критикуваше администрацијата на Трамп во однос на Медикеид, социјалната сигурност, образованието и други законодавни приоритети.
„Во само 71 ден, претседателот на САД нанесе толку многу штета врз безбедноста на Американците, нивната финансиска стабилност и самите темели на нашата демократија“, изјави тој.
„Ова не се нормални времиња во Америка. И не треба да се третираат како такви во Сенатот на САД.“
Тој исто така ги осуди плановите на Републиканската партија, вклучително и предложените кратења на Медикеид, како и надворешната политика на Трамп, особено неговиот однос со рускиот претседател Владимир Путин.
Додека траеше говорот, десетици илјади луѓе го следеа во живо преку социјалните мрежи.
„Цела Америка внимателно го слуша тоа што го зборуваш“, му рече лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, на Букер.