Ekipa
02 Септември 2018•Ажурирај: 03 Септември 2018
ИСЛАМАБАД (АА) - Американската армија соопшти дека одлучила да ја откаже помошта од 300 милиони долари за Пакистан, поради, како што вели, неуспехот во преземањето одлучни мерки против милитантните групи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Радио Пакистан, цитирајќи го портпаролот на Пентагон, потполковникот Кон Фолкнер, објави дека Пентагон бара одобрение од Конгресот.
Објавата дојде на неколку дена пред планираната посета на американскиот државен секретар Мајк Помпео на Пакистан, на средба со новиот премиер на Пакистан, Имран Кан.
Претходно годинава, Соединетите Американски Држави (САД) блокираа 500 милиони долари за Пакистан, како дел од надоместокот за улогата на земјата во борбата против тероризмот во Авганистан.
Односите помеѓу двата сојузника во борбата против тероризмот се влошија од јануари минатата година, откако Доналд Трамп ја презеде функцијата претседател, главно поради судир на интереси во Авганистан.
Вашингтон го обвинува Исламабад дека обезбедува сигурно подрачје за дејствување на мрежата Хакани, која се товари за бројни напади врз странските сили во Авганистан.
Пакистан ги негира обвинувањата, истакнувајќи дека е потребно да се признае улогата и жртвувањето на Пакистан во војната против тероризмот.