Ruslan Rehimov
16 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
БАКУ (АА) – Претседателот на Арзебејџан, Илхам Алијев, истакна дека нивните успешни проекти што ги спроведуваат со Турција во секторите енергетика и транспорт, ги прошириле кон Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Во својот говор на почетокот на 5. Глобален форум во Баку, Алијев зборуваше во врска со бегалската криза и нагласи дека ова е една голема хуманитарна катастрофа.
Азербејџанскиот претседател Алијев истакна дека бегалската криза е резултат на извршените политички и воени интервенции од надвор врз овие земји. Тој рече дека е засилен национализмот, како и радикализмот во европските земји во кои одат бегалците.
Исто така, Алијев потсети дека во изборните кампањи што во последно време се спроведуваат во Европа, се користат расистички пароли против бегалците, и нагласи дека светската заедница треба да застане против тоа.
Алијев зборуваше и за конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан, како и во врска со спорот за Нагорно-Карабах. Тој истакна дека поради окупацијата, еден милион луѓе станале мигранти, а историските и културните богатства во окупираните региони се уништени од страна на Ерменците.
„Но сето ова останува само на хартија. Ерменија не се грижи за оваа одлука, бидејќи не постои механизам за спроведување на одлуките. Ова исто така укажува на политика со двоен стандард. Во некои случаи, за неколку дена се спроведуваат одлуките на Советот за безбедност на ОН. Но кога се работи за нас, 25 години не се спроведуваат“, нагласи Алијев.
- „Железничката линија Баку – Тбилиси – Карс, проект што ги спои континентите“ -
Алијев се осврна на проектите што ги реализираат со соседните земји во секторот енергетика и транспорт, и истакна: „Градиме железничка линија (Баку – Тбилиси – Карс) со Турција и со Грузија. Всушност, оваа линија ќе ги спои континентите. Ние можевме да ја водиме нашата трговија и без оваа железничка линија. Но ние, трите земји, сакавме да ги споиме двата континента. Оваа линија е најкраток транспортен коридор кон Европа“.
Алијев зборуваше и во врска со проектот на Јужниот гасен коридор, со кој природниот гас на Азербејџан ќе се пренесе во Европа.
„Успешно го спроведуваме овој проект со учеството на седумте земји – Азербејџан, Грузија, Турција, Грција, Бугарија, Италија и Албанија. Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и Хрватска, ќе се вклучат во овој проект. Ова е проект од 40 милијарди долари. Нашата позитивна соработка со Турција ја проширивме кон Европа“, истакна претседателот Алијев.
На овој форум учествува претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, претседателот на Албанија, Бујар Нишани, како и многу други поранешни и сегашни државни службеници од 53 различни земји.
Форумот ќе продолжи со сесии на различни теми.