Ahmet Gençtürk
15 Јануари 2024•Ажурирај: 16 Јануари 2024
АТИНА (АА) - Три главни агенции на Обединетите нации (ОН) вклучени во хуманитарните активности во Газа денес повикаа на побрз и побезбеден пристап до опколената енклава преку повеќе рути за снабдување помош, јавува Анадолу.
УНИЦЕФ, Светската програма за храна (WFP) и Светската здравствена организација (СЗО) заеднички изјавија: „Како што расте ризикот од глад и сѐ повеќе луѓе се изложени на епидемии на смртоносни болести, итно е потребен фундаментален чекор во промена на протокот на хуманитарна помош во Газа.“
Агенциите предупредија дека недостигот на храна, чиста вода и медицинска помош е од сериозни размери во северните области и рекоа дека ОН, меѓународните агенции за помош и невладините организации досега успеале да испорачаат ограничена хуманитарна помош.
„Луѓето во Газа се во ризик да починат од глад на само километри од камионите полни со храна“, рече извршната директорка на Светската програма за храна (WFP), Синди Мекејн. „Секој изгубен час доведува во опасност безброј животи. Можеме да го спречиме гладот, но само ако можеме да испорачаме доволно резерви и да имаме безбеден пристап до сите на кои им е потребна, каде и да се“, додаде Мекејн.
Агенциите на ОН, исто така, го повторија повикот за хуманитарен прекин на огнот „за да се овозможи ова витално важно започнување на масовна хуманитарна операција со повеќе агенции“.
Израел започна со немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас во кој Тел Авив вели дека се загинати 1.200 луѓе.
Според палестинските здравствени власти, во израелските напади загинати се најмалку 24.100 Палестинци, главно жени и деца, а 60.834 се повредени.
Според ОН, 85 отсто од населението на Газа е внатрешно раселено поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.