Австралиска сенаторка критикувана поради исламофобичен акт во Сенатот
- Хансон, која отворено се залага за национална забрана на бурките и покривање на лицето, доби санкција со која ѝ беше забранет влез во салата до крајот на работниот ден.
ИСТАНБУЛ (АА) – Австралиската сенаторка Полин Хансон денес беше остро критикувана поради, како што беше оценето, исламофобично однесување во Сенатот, што доведе до прекин на работата на институцијата подолго од еден и пол час, јавува Анадолу.
Според Австралиската радиодифузна корпорација (ABC), сенаторката од партијата „Уан нејшн“ влезе во салата облечена во бурка и одби да ја напушти, повторувајќи го истиот потег што го направи и во 2017 година.
Хансон, која отворено се залага за национална забрана на бурките и покривање на лицето, доби санкција со која ѝ беше забранет влез во салата до крајот на работниот ден.
Нејзиното одбивање да ја напушти седницата на Сенатот предизвика жестока расправија, по што претседателката на Сенатот, Сју Лајнс, ги суспендираше седницата и работата на Сенатот за повеќе од еден и пол час.
Австралиската министерка за надворешни работи, Пени Вонг, го осуди однесувањето на Хансон, велејќи: „Без разлика кои се нашите лични убедувања, ваквиот вид на непочитување што го покажувате не е достоен за член на австралискиот Сенат и не смее да се толерира.“
По инцидентот, Хансон на социјалните мрежи ги нарече своите колеги „лицемери“ бидејќи го блокирале нејзиниот обид да го презентира предлог-законот за забрана на бурки и покривачи за лице.
Независната сенаторка Фатима Пајман – првата жена која носи хиџаб во австралискиот Парламент – го оцени потегот на лидерката на „Уан нејшн“ како „одвратен и навредлив за Собранието и за јавноста“.
„Да облече бурка, да влезе и да одбие да ги слуша процедурите или претходната одлука е типично за неа и е само обид да остане релевантна“, изјави Пајман за „Еј-би-си“.
Подоцна, во објава на социјалните мрежи, таа додаде дека постапките на Хансон се „непочитување кон нашиот устав, нашата демократија и нашата нација“, нагласувајќи дека нејзиниот предлог-закон е „обид да се поттикне стравот и неизвесноста што ги чувствуваат многу Австралијци и да се насочи кон веќе маргинализирана група“.
Предлог-законот на Хансон беше критикуван и од австралискиот пратеник за исламофобија, Афтаб Малик, кој за „Сиднеј морнинг хјералд“ изјави дека иницијативата може да ги влоши малтретирањето, заканите и насилството врз муслиманките во Австралија.
„Фрустрирачки е што изборот на облека на муслиманките постојано се поврзува со прашања за националната безбедност“, рече Малик, додавајќи дека „исламофобијата е на рекордно високо ниво во Австралија“.
„Осум години по последниот обид да се забрани бурката, сенаторката Полин Хансон повторно го предлага истото тоа. Ова само ќе ги продлабочи безбедносните ризици за муслиманките кои избираат да носат хиџаб, никаб или бурка“, додаде тој.
Во 2017 година, за време на слична иницијатива на партијата „Уан нејшн“ за забрана на покривањето, Хансон исто така влезе на седница во Сенатот со облека што предизвика силни реакции.
