Asiye Latife Yılmaz
23 Март 2026•Ажурирај: 23 Март 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Авион на компанијата „Ер Канада“ се судри со противпожарно возило на пистата на њујоршкиот аеродром „Ла Гвардија“ доцна синоќа при што загинаа пилотот и копилотот, а уште две лица се повредени, објави Си-ен-ен, повикувајќи се на официјални претставници за спроведување на законот, пренесува Анадолу.
Судирот се случил околу 23:40 часот по локално време кога авион на „Џез авијација“ удрил во возило на противпожарната служба на аеродромските власти што било пратено на друга интервенција, соопштија аеродромските власти на Њујорк и Њу Џерси.
„Протоколите за итен одговор беа веднаш активирани“, изјави портпаролот.
„Во моментов аеродромот е затворен за да се олесни интервенцијата и да се овозможи темелна истрага.“
Две лица во противпожарното возило се повредени додека одговарале на повик од друг авион каде што бил пријавен непознат мирис во пилотската кабина, наведуваат официјалните лица.
Од „Ер Канада“ соопштија дека авионот од типот „CRJ-900“ превезувал 72 патници и четири члена на екипажот, според прелиминарната листа.
Аеродромот „Ла Гвардија“ беше затворен доцна синоќа по инцидентот.
Федералната управа за авијација (ФАА) издаде наредба за запирање на сите полетувања кон овој аеродром поради вонредната состојба, а затворањето е на сила до 18:00 часот по Гринич.
Висока е веројатноста за продолжување на овој рок.