Mevlüt Özkan
31 Јануари 2025•Ажурирај: 02 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 5.000 припадници на Боко Харам ја напуштија терористичката организација и се вратија кај нивните семејства во Нигерија, изјави официјален претставник, пренесува Анадолу.
„Во рамките на програмата ‘Операција безбеден коридор’, дерадикализиравме над 5.000 поранешни борци на Боко Харам и ги обединивме со нивните семејства“, рече Мајро Муса Абас, шеф за спречување и борба против насилен екстремизам, јави локалниот весник „Дејли траст“.
Таа истакна дека системите за мониторирање ги користат локалните лидери и соработниците на Националната агенција за ориентација низ 774-те локални власти во Нигерија со цел да го следат напредокот при реинтеграцијата во заедницата.
„Отсекогаш велевме дека ‘Моделот Борно’ е модел на неопходност, но забележавме голем успех со моделот затоа што многу борци кои се покааја се вратија кај семејствата“, додаде Абас.
Таа, исто така, ги повика гувернерите на подрачјето на езерото Чад, како и засегнатите страни да ги усогласат своите стратегии за координирана акција.
Неодамна, нигериските воздухопловни сили целеа терористички лидери од висок профил во североисточната држава Борно, убивајќи голем број терористи на Боко Харам и уништувајќи клучни објекти.
Боко Харам, која води бунт во Нигерија од раните 2000-ти, е одговорна за големите терористички напади кои однесоа десетици илјади животи.
Од 2015 година, терористичката организација ги прошири своите напади на соседните Камерун, Чад и Нигер, што резултираше со најмалку 2.000 смртни случаи низ басенот на езерото Чад.
Насилството принуди стотици илјади Нигеријци да ги напуштат своите домови.