177.000 цивили заробени во судански град, лекарите пријавуваат масовни убиства од страна на РСФ
РСФ врши страшно масакрирање на невооружени цивили врз етничка основа, во злосторство што претставува чистење врз основа на раса. Нашите теренски тимови известуваат дека бројот на жртвите се проценува на илјадници, соопшти Сојузот на лекари на Судан
КАРТУМ/ИСТАНБУЛ (АА) – Околу 177.000 цивили се заробени во суданскиот град Ел-Фашер, главниот град на Северен Дарфур, кој за време на викендот беше опколен од паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), соопштија локалните лекари, предупредувајќи на масовни убиства и етничко чистење, јавува Анадолу.
„РСФ извршија страшно масакрирање на невооружени цивили врз етничка основа, во злосторство што претставува чистење врз основа на раса. Нашите теренски тимови известуваат дека бројот на жртвите се проценува на илјадници, во услови на целосна несигурност и прекин на комуникациите“, соопшти Суданскиот сојуз на лекари во изјавата доцна синоќа.
Според здружението, паравоената група извршила масовни прекршувања на човековите права, вклучувајќи егзекуции без судење, претреси од куќа во куќа, сексуално насилство, како и случаи во кои жртвите биле принудени да ги копаат сопствените гробови и да се закопаат живи.
Во првите неколку часа по влегувањето на РСФ во градот, биле убиени речиси 2.000 цивили, се наведува во соопштението.
РСФ го презедоа Ел-Фашер во неделата, по жестоките судири со суданската Армија, откако градот беше опколен од мај 2024 година.
„Невини луѓе беа запалени живи, додека 177.000 цивили остануваат заробени, а повеќето од нив, според нашите податоци, веќе биле убиени во масакри“, се додава во изјавата на лекарите.
Во изминатите 48 часа, околу 28.000 Суданци биле раселени, од кои 1.000 стигнале во градот Тавила во истиот регион, соопшти Меѓународната организација за миграција.
Според нивните податоци, над 36.000 лица побегнале од Ел-Фашер во период помеѓу 26 и 29 октомври.
РСФ продолжиле со напади врз бегалските рути, спречувајќи цивилите да стигнат до безбедни зони, а оние кои се обиделе да избегаат со автомобили биле живи изгорени во нивните возила.
Суданскиот сојуз на лекари потврди дека РСФ ги нападнале здравствените установи и медицинскиот персонал, меѓу кои и Саудиската болница во Ел-Фашер, каде што биле егзекутирани повеќе од 450 пациенти и ранети лица, како и околу 1.200 стари и болни луѓе во теренски медицински болници.
Според Светската здравствена организација, над 1.200 здравствени работници и пациенти биле убиени, а 416 повредени во 185 потврдени напади на РСФ од почетокот на војната во април 2023 година.
Сојузот остро го осуди „ужасниот масакр и целосниот хуманитарен колапс“ во Ел-Фашер, истакнувајќи дека овие дела претставуваат геноцид, систематско етничко чистење и воени злосторства, кои се надоврзуваат на долгиот список на злодела на оваа паравоена група во Дарфур.
Лекарите упатија апел до меѓународната заедница и хуманитарните организации да ја преземат својата одговорност и да ги заштитат суданските цивили.
Суданската Армија и РСФ се во граѓанска војна од април 2023 година, во која досега се убиени илјадници луѓе, а повеќе од 15 милиони се раселени.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
