Kasım İleri
24 Октомври 2018•Ажурирај: 25 Октомври 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги ја турна во неизвесност иднината на саудискиот престолонаследник, принцот Мухамед бин Селман, смета американската новинарка и писателка, Карен Елиот Хаус, пренесува Anadolu Agency (AA).
Хаус, авторката на книгата „За Саудиска Арабија: За нејзиниот народ, минато, религија, кризни точки и иднина“, објави статија во „Волстрит журнал“ (Wall Street Journal) за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, односно рефлексиите на случајот врз иднината на саудискиот принц Мухамед бин Селман.
Хаус, која во текстот принцот Мухамед го споредува со римскиот цар Калигула, наведува дека и тој како царот Калигула многу млад дошол на власт, и дека „сака да прави големи проекти, да организира големи забави и најважно од сè, да омаловажува сè околу себе“.
Американската новинарка наведува дека принцот досега ставил потпис на низа спорни одлуки за да ја утврди својата позиција, од затворање на членови на кралското семејство, принудување на либанскиот премиер Саад ал Харири да поднесе оставка, па до воведување ембарго за Катар.
Хаус смета дека неказнувањето на лицата вмешани во убиството на новинарот Кашоги може да ги наруши односите меѓу Ријад и американскиот Конгрес, како и дека овој случај претставува закана за иднината на принцот Мухамед.
Се поставува прашањето дали кралот Селман бин Абдулазиз, по случајот со убиството на Кашоги, ќе му ја предаде потполната власт на својот син престолонаследник, односно дали ќе успее да ги врати во колосек односите со САД по прашањето за безбедноста на Заливот и глобалната политика за нафта.
Хаус понатаму наведува дека е многу можно откако Турција ќе ги објави резултатите од истрагата, американскиот Конгрес да направи чекор кон Саудиска Арабија. Освен тоа, турското објавување на резултатите од истрагата за убиството на Кашоги на целиот свет, би можело да доведе до формирање блок против саудиското кралско семејство и принцот Мухамед.
„Кралот Селман застана зад својот син со тоа што по убиството на Кашоги му ја довери реформата на саудиските разузнавачки служби, но со тоа почна да се насетува дека владеењето на младиот принц на Саудиска Арабија нема да трае толку долго“, се наведува во статијата.
Хаус претпоставува дека принцот Мухамед од владеењето би можел да го оддалечи неговиот татко или би можел да биде „трнат“ по насилен пат, како што е атентат. „Првото сценарио му дава многу повеќе можности на кралот Селман, но во случај принцот да биде насилно отстранет тоа би можело да предизвика голем хаос во Ријад“, истакна меѓу останатото Карен Елиот Хаус.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, и дека во тој период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со посебни летови дошле, а потоа и ја напуштиле Турција.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија неодамна соопштија дека Кашоги е убиен за време на наводна расправија во Конзулатот.
Истрагата за убиството и понатаму е во тек, а главна задача на истражителите е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.