Hacer Başer
30 Октомври 2018•Ажурирај: 30 Октомври 2018
РАБАТ (AA) - МУХАМЕД БЕНДЕРИС -
Светската унија на исламските научници (IUMS) го пофали ставот на Турција во контекст на истрагата за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој е убиен на 2 октомври во саудискиот Конзулат во Истанбул.
Заменик-претседателот на Унијата, Ахмед ер Рајсуни, во разговор за Anadolu Agency (AA) говореше за ставот на Република Турција и безбедносните оддели во врска со убиството на Кашоги.
„Државата Турција и полициските едници на оваа земја во случајот на убиството на Кашоги покажаа досега невидено искуство, професионалност и објективност“, порача Рајсуни, и додаде дека турското Обвинителство во овој случај се потпирало на многу силни и сигурни докази.
Рајсуни понатаму наведе дека Турција ќе продолжи да ги извршува своите обврски и да биде објективна во овој случај.
„Турција на светот му одржа лекција за тоа ’како се управува со криза‘. Покажа неутрален став. Претседателот и министрите не покренаа каква било кампања преку овој случај, ниту заземаа политички позиции. Препуштија полицијата и разузнавачките служби да утврдат што всушност се случи“, порача Рајсуни.
Нагласи, исто така, дека фактот што претседателот Реџеп Таип Ердоган за случајот говореше дури три недели потоа, покажува дека тука не станало збор за политичко искористување.
Напротив, како што истакна Рајсуни, Турција покажала колку е успешна во контекст на управување со криза и тоа можел да го види целиот свет.
Додаде, исто така, дека 15 уапсени лица кои се поврзани со убиството на Кашоги треба да бидат судени пред турското правосудство, за што Турција упатила и официјален допис на Саудиска Арабија во кое бара нивно испорачување.
„Турција е земја која може самостојно да им суди на лицата вплеткани во убиството“, рече Рајсуни.