Erdoğan Çağatay Zontur
02 Јули 2019•Ажурирај: 02 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Одржувањето на интензитетот на односите помеѓу Турција и Кина е клучно како за благосостојбата на двата народа, така и за меѓународната стабилнот, истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ние сме на истата страна во однос на пристапот на претседателот Си (Ѓинпинг) кон Иницијативата, која не е само подобрување на транспортната и комуникациската мрежа, изградба на трговски коридори и хармонизирање на трговските политики и стратегии за развој, туку служи и за зајакнување на културните и меѓучовечките врски во овие рамки“, изјави турскиот претседател во интервјуто за кинеската државна новинска агенција „Синхуа“.
„Ние делуваме во согласност со совеста дека кинеско-турското економско и трговско партнерство, покрај регионалните придобивки, има потенцијал да придонесе кон светскиот мир, просперитет и стабилност“, нагласи Ердоган.
Тој истакна дека прашањата од полето на економијата, трговијата, туризмот, инвестициите, безбедноста, одбраната и борбата против тероризмот ќе добијат поголем приоритет, како подрачја на билатералната соработка, додека во текот на неговата посета на Кина, на агендата ќе бидат и регионални и меѓународни теми.
Ердоган исто така потсети дека Турција е една од првите земји која ја поддржа Иницијативата „Еден појас - еден пат“.
„Постои природна хармонија меѓу Иницијативата на нашиот Среден коридор и кинеската Иницијатива „Еден појас - еден пат““, рече Ердоган. „Оваа хармонија ни овозможува да соработуваме со Кина на големи географски простори како што се Централна Азија и Африка“, додаде Ердоган.
„Имаме конкретна билатерална агенда за тоа како можеме да го подобриме нашето партнерство“, рече тој.
Турскиот претседател изрази уверување дека преку интензивирање на консултациите со кинеските пријатели заедно ќе бидат сведоци на надградувањето на меѓусебните односи во сите области.