Şerife Çetin
29 Октомври 2024•Ажурирај: 30 Октомври 2024
ЊУЈОРК (АА) - Специјалниот известувач на Обединетите нации (ОН) за човекови права по прашањата за борба против тероризам, Бен Саул, ги осуди израелските напади врз Газа, известува Анадолу.
„Побаравме од сите земји да ја прекинат испораката на оружје и опрема за Израел“, рече Саул, одговарајќи на прашањата на новинарите во седиштето на ОН во Њујорк.
Тој посочи дека израелската армија гаѓала голем број цивили во непропорционални напади, користејќи високоексплозивно оружје во густо населени области и го користела изгладнувањето како оружје, блокирајќи ја хуманитарната помош.
Саул нагласи дека Советот за безбедност на ОН, Меѓународниот суд на правдата, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Генералното собрание на ОН, Советот за човекови права и многу земји јасно пратиле порака до Израел да го почитува меѓународното право.
„За жал, Израел ги игнорираше овие пораки и продолжува да ги игнорира“, рече Саул.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) со која се бара итен прекин на огнот Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа од октомври минатата година.
Оттогаш во израелските бомбардирања и гранатирања се убиени повеќе од 43.000 Палестинци, главно жени и деца, а над 101.100 се ранети.
Израелскиот напад предизвика раселување на речиси целото население на територијата на Појасот Газа, а блокадата доведе до недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во Газа.