Ekipa
23 Февруари 2023•Ажурирај: 24 Февруари 2023
ЖЕНЕВА (АА) - Добитникот на Нобеловата награда за мир, Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје (ICAN), денеска соопшти дека „една година по руската инвазија на Украина“, светот се соочува со сериозен ризик од можноста за употреба на нуклеарно оружје, јавува Анадолу.
„Во неделата кога одбележуваме една година откако Русија ја започна својата опсежна, брутална инвазија на Украина, Даниел Хогста, привремениот извршен директор на Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје, предупреди дека светот се соочува со сериозен ризик од употреба на нуклеарно оружје за првпат од 1945 година“, изјавија од ИКАН.
Хогста, истакна дека Русија веќе има упатувано повеќе „отворени и затскриени закани“ за употреба на нуклеарно оружје во Украина, и дека постои зголемен ризик што може да се случи како резултат на војната.
„Постои веројатност за одредена погрешна калкулација или Русија да одговори на одредена закана што Москва ја сфаќа како таква“, рече Хогста.
„Колку подолго Русија одлучи да продолжи со својата инвазија и со воените операции, толку е поголема веројатноста нуклеарното оружје да стане поголем дел од овој конфликт. Тоа е нешто што светот треба да го сфати многу сериозно.“
- Одговор на суспензијата на Договорот од страна на Русија -
Хогста одговори на овонеделната изјава на рускиот претседател Владимир Путин дека Москва ја суспендира својата имплементација на последниот преостанат Договор за контрола на оружјето со Соединетите Американски Држави, „Њу СТАРТ“.
„Одлуката на претседателот Путин да го суспендира руското имплементирање на договорот „Њу СТАРТ“ е опасна и непромислена, и треба широко да се осуди“, рече Хогста.
„Зошто претседателот Путин го прави ова сега е прашање на коешто само тој може да даде одговор, но тоа нагласува дека таканареченото нуклеарно одвраќање е далеку од осигурувањето безбедност, и дека нѐ остава на милост и немилост на личните одлуки на лидерите на земјите кои поседуваат нуклеарно оружје, како што е Путин.“
Челникот на ИКАН, кој ја доби Нобеловата награда за мир во 2017 година, истакна дека е важно да се запамети дека кризите можат да понудат можности за нов напредок, наведувајќи ја кубанската ракетна криза во 1962 година.
По тој ќор-сокак меѓу Соединетите Американски Држави и поранешниот Советски Сојуз, меѓународните преговори доведоа до Договорот за делумна забрана на тестовите, а потоа и до Договорот за неширење на нуклеарното оружје.
„Фактот што една земја вооружена со нуклеарно оружје, Русија, ја користи заканата со нејзиното нуклеарно оружје за да ја олесни инвазијата врз својот сосед кој нема нуклеарно оружје, ја нагласува клучната потреба за сеопфатно нуклеарно разоружување“, порача Хогста.