Esat Fırat
22 Декември 2021•Ажурирај: 23 Декември 2021
ЕРУСАЛИМ
Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, кој беше во официјална посета на Израел, истакна дека неговата земја и Израел се наоѓаат на критичен крстопат за различни безбедносни прашања, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение од Кабинетот на израелскиот премиер вклучени се детали од прес-конференцијата што ја одржаа премиерот Нафтали Бенет и Саливан пред средбата во Западен Ерусалим.
На прес-конференцијата Саливан рече: „САД и Израел се на критичен крстопат за широк спектар на безбедносни прашања. Од клучно значење е да седнеме заедно, да развиеме заедничка стратегија и перспектива и да најдеме начин суштински да ги обезбедиме интересите на нашите земји.“
Нагласувајќи дека американскиот претседател Џо Бајден го испратил во Израел „непосредно пред Божиќ“ за да се координира и соработува во нивниот пристап кон Иран, како и за другите безбедносни прашања, Саливан рече: „Веруваме дека овие интереси длабоко се чувствуваат, исто како и вредностите врз кои се изградени нашите земји.“
Од друга страна, израелскиот премиер Бенет рече: „Сакам да кажам дека односите меѓу мојата Влада и САД под раководство на Бајден се посилни од кога било.“
„Да се биде силен и да се има вакво значајно пријателство значи дека можеме отворено да зборуваме за сите заеднички предизвици со кои се соочуваме, и тоа е она што ќе го направиме“, додаде Бенет.
Нагласувајќи дека овие денови се многу важни, Бенет укажа на тековните преговори за нуклеарната програма со Иран во Виена и додаде: „Она што се случи во Виена [тековните преговори за нуклеарната програма меѓу Иран и големите западни земји] ќе имаат големо влијание врз стабилноста на Блискиот Исток и безбедноста на Израел во наредните години, затоа оваа средба дојде во вистинско време.“
Саливан, кој вчера дојде во Израел, се очекува вечерва да отпатува во градот Рамала на окупираниот Западен Брег, за да се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас и со други високи палестински претставници.