Ekipa
31 Август 2016•Ажурирај: 31 Август 2016
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека приливот на мигранти нема фундаментално да ја измени нејзината земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Меркел во интервјуто за весникот „Зидојче цајтунг“ рече дека „Германија ќе остане Германија, со сето она што нам ни е драго“.
На четврти септември минатата година, неколку дена по познатата реченица: „Ние тоа го можеме“, Меркел и тогашниот австриски канцелар одлучија да ги отворат вратите за мигрантите што беа блокирани во Унгарија. Германија минатата година прими повеќе од милион баратели на азил.
Меркел додаде дека во изминатите децении биле констатирани промени и нагласи дека „промените не се лоша работа – тие се дел од животот“, но јасно даде до знаење оти Германија нема да се откаже од своите вредности.
Меркел призна дека Германија во поранешните години го игнорирала прашањето за мигрантите кои доаѓаат во Европа и потребата од паневропско решавање.
„Голем број бегалци пристигнаа во 2004 и во 2005 година, а ние ѝ препуштивме на Шпанија и на останатите земји од надворешните граници на Унијата да се занимаваат со тоа“, рече Меркел и додаде дека и тогаш Германија „се противела на пропорционалната распределба на бегалците“.
„По големиот број бегалци што ги прими за време на војните во Југославија, Германија се радуваше што сега првенствено другите се занимаваат со таа тема. Тоа не можам да го негирам“, рече германската канцеларка, Ангела Меркел.