Потрошувачката во ЕУ уништува 100 дрвја во минута, соопшти Светскиот фонд за природа
Студија го анализира влијанието на побарувачката на ЕУ за клучни суровини и утврдува дека потрошувачката на блокот просечно предизвикува губење на 50 милиони дрвја годишно
БРИСЕЛ (АА) – Потрошувачката во Европската Унија (ЕУ) е одговорна за исчезнување на 149 милиони дрвја низ светот во периодот од 2021 до 2023 година, покажува ново истражување на Светскиот фонд за природа (ВВФ) објавено денес, јавува Анадолу.
Студијата го анализира влијанието на побарувачката на ЕУ за клучни суровини – меѓу кои соја, палмино масло, какао, кафе, говедско месо, кожа, гума и индустриско дрво – и утврдува дека потрошувачката на блокот просечно предизвикува губење на 50 милиони дрвја годишно, што е еквивалентно на 100 дрвја секоја минута.
ВВФ наведува дека резултатите ја потенцираат итната потреба од целосна и навремена имплементација на Регулативата на ЕУ за спречување на обесшумување (ЕУДР), предупредувајќи против какво било слабеење или одложување на правилата.
Според извештајот, потрошувачката на чоколада во ЕУ годишно придонесува за губење на повеќе од 10 милиони дрвја. Производите од говедско месо и кожа предизвикуваат дополнително исчезнување на уште 10 милиони дрвја, а употребата на палмино масло во Унијата резултира со губење на над 6 милиони дрвја.
Околу 6,4 милиони дрвја се губат годишно поради увоз на соја, главно, за добиточна храна што се користи во производи, како што се риба, сирење и јајца. Консумирањето кафе е причина за загубата на над 3 милиони дрвја годишно.
- Германија има најголемо влијание -
Податоците ја проценуваат „крајната потрошувачка“ на производите во секоја земја членка на ЕУ, земајќи ги предвид трговијата и комплексните трансформации во синџирите на снабдување.
Германија бележи најголема годишна загуба – 13 милиони дрвја, по што следуваат Шпанија (6,5 милиони) и Франција (6,3 милиони).
Според бројот на загубени дрвја по жител, Холандија е на врвот со 272 изгубени дрвја на 1.000 жители годишно, пред Луксембург (226) и Финска (177).
ВВФ го анализира и влијанието на јаглеродот што произлегува од евентуално одложување на примената на ЕУДР, врз основа на типичните увозни количини регулирани суровини.
Според процените, едногодишно одложување би резултирало со 16,8 милиони тони дополнителни емисии – што е еквивалентно секој жител на Лондон да лета до Њујорк трипати во една година.
Целосната имплементација на ЕУДР, пак, би спречила испуштање на 387 милиони тони стакленички гасови до 2035 година – што е исто како трајно исклучување на осум големи термоелектрани на јаглен.
ВВФ предупредува дека без брза примена на регулативата, растечките увозни трендови може да доведат до уште поголем пораст на емисиите, достигнувајќи дополнителни 17,4 милиони тони еквивалент на CO2.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
