Mücahit Oktay
16 Август 2021•Ажурирај: 19 Август 2021
ЊУЈОРК (АА) - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го повика претседателот Џо Бајден да поднесе оставка откако талибанците го презедоа главниот град на Авганистан, Кабул, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Дојде време Џо Бајден да даде оставка поради она што го дозволи да се случи во Авганистан“, рече Трамп во писмена изјава.
Во врска со повикот на Бајден да поднесе оставка, Трамп истакна: „Ова не треба да биде некој значаен настан. Бидејќи тој не беше легитимно избран.“
Трамп исто така го критикуваше американскиот претседател и за зголемувањето на случаите на Ковид-19 во земјата, внатрешната миграција, економијата и енергијата.
Во друга изјава, пред барањето за оставка поранешниот американски претседател Трамп рече: „Тоа што го направи Џо Бајден во Авганистан е легенда. Ќе влезе во историјата како еден од најголемите порази на Америка!“
- Процесот на талибанска доминација врз земјата -
Во рамките на мировниот договор постигнат меѓу САД и талибанците во февруари 2020 година, годинава започна процесот на повлекување на меѓународните сили од Авганистан.
Договорот предвидуваше да не се напаѓаат странските сили, но не предвидуваше никакви одредби во врска со акциите на талибанците против авганистанските безбедносни сили.
Талибанците од една страна ги продолжуваа преговорите со авганистанската Влада во Доха, а од друга страна истовремено со голема брзина и со насилни напади од јуни освоија многу области и провинциски центри во Авганистан.
Талибанците го опкружија главниот град Кабул, почнаа да ги преземаат сиромашните квартови и побараа Владата мирно да ја предаде администрацијата и главниот град.
Претседателот Ашраф Гани во вечерните часови ја напушти земјата.
Портпаролот на талибанците Забихулах Муџахид истакна дека откако владините сили го напуштиле главниот град Кабул, тие почнале да ја преземаат контролата над градот и јавните згради.
Во изјавата од Претседателската палата во Кабул, талибанците соопштија дека доминираат во главниот град и земјата.