Adel Omeragic
22 Февруари 2019•Ажурирај: 23 Февруари 2019
ПОДГОРИЦА (AA) - Европскиот комесар за политика на соседство и преговори за проширување, Јоханес Хан, порача дека Црна Гора како држава има јасна перспектива кон членството во Европската Унија (ЕУ), по членството во НАТО, но дека политичкиот дијалог мора да се одвива во Парламентот, иако понекогаш постојат причини да се излезе и на улица, јавува Anadolu Agency (AA).
Хан, кој престојува во посета на Црна Гора, се состана денеска со премиерот на оваа земја, Душко Марковиќ. По состанокот, двајцата функционери говореа за напредокот на Црна Гора на патот кон ЕУ, но и за актуелните дневно-политички прашања во земјата.
„Црна Гора како држава има јасна перспектива како членка во ЕУ, по членството во НАТО. Следниот чекор е пристапување во ЕУ. Исто така, ЕУ очекува од идните членки да се придржуваат до темелите на ЕУ, како што се демократијата и владеење на правото“, рече Хан.
Тој порача дека бојкотот на Парламентот не е начин за изнесување мислења и дека политичката дебата мора да биде во Парламентот.
„Парламентот е форум каде за сè треба да се разговара. Обично за тоа не се разговара на улица. Понекогаш постојат причини да се излезе на улица, но форумот е во Парламентот“, рече Хан.
Истакна и дека е време Црна Гора да ја интензивира работата на донесување резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
„Не може да се застане на апсење на криминалците, туку и на налогодавачите. Сето ова го следиме будно“, рече Хан.
Тој наведе дека го контактирале организаторите на протестите, што секоја сабота се организираат во Подгорица, за да се состанат, но рече дека нема да може затоа што се враќа за Брисел и дека ќе го замоли шефот на Делегацијата на ЕУ во Подгорица, Аиво Орав, тоа да го направи наместо него.
Црногорскиот премиер, Душко Марковиќ, рече дека пред Владата има многу работа за да се зајакне владеењето на правото, и да се зајакнат институциите во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
„Никогаш како до сега криминалот не бил на колена против државата. Го решивме нападот на новинарката Оливера Лакиќ. Црна Гора сака и во оваа година да го јакне економскиот развој со вложување во инфраструктурата“, рече Марковиќ.
Според неговите зборови, во однос на регионот, Црна Гора игра позитивна улога и европската перспектива на Западен Балкан ќе биде извесна.
Коментирајќи ги протестите, Марковиќ рече дека нема политичка криза.
„Владата работи, буџетот се полни, се исплаќаат пензиите, се реализираат проекти, се плаќаат сите обврски. Парламентот функционира. Имаме политичка тензија, незадоволство и барања, но не и политичка криза“, рече Марковиќ.
Тој смета дека барањето за формирање техничка влада е неоправдано и политички неприфатливо.
„Секој на политичката сцена, а посебно политичките партии и субјектите, имаат право да поставуваат политички барања на начин на кој проценуваат дека тоа е најцелисходно во однос на нивните политички и други интереси. Верувам дека во овој момент во Црна Гора имаме поприоритетна работа. Црна Гора мора да работи на реализација на своите економски политики и развој на земјата“, рече Марковиќ.
Хан, кој престојува во дводневна посета на Црна Гора, каде што вчера учествуваше на Министерска конференција за преминување на чиста енергија на државите од Западен Балкан, се состана и со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.