Tayfun Salcı
09 Април 2019•Ажурирај: 10 Април 2019
ЛОНДОН (АА) - ТАЈФУН САЛЏИ –
Новинарот и предводник на пропалестинската интернет-кампања „Енектроничка интифада“, Аса Винстенли, изјави дека неодамнешното американско признавање на израелскиот суверенитет врз Голанската Висорамнина е своевиден подарок на американскиот претседател Доналд Трамп на Израел со кој го поддржува трендот на израелското ширење, јавува Anadolu Agency (AA).
Винстенли учествуваше на панелот за Палестина кој во Лондон го организираше Арапската организација за човекови права (AOHR), а на маргините на панелот за ситуацијата на Блискиот Исток разговараше со новинарот на АА.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во предизборната кампања најави дека ќе го анектира окупираниот Западен Брег, доколку победи на денешните парламентарни избори во Израел, а Винстенли тврди дека оваа изјава е плод на трендот на анексијата која ја заговараат израелските политички субјекти.
„Уверен сум дека тој тренд ќе го видиме и во поинтензивен облик, откако Трамп со унилатерално признание ја подари Голанската Висорамнина на Израел“, изјави Винстенли.
Истакнувајќи дека анексијата на Западниот Брег била спротивна на практиката на ционистичкото движење, Винстенли изјави дека ционистите заговараат минимум Арапи и максимум територија, но без давање право на глас на Палестинците. Тој додаде дека на Западниот Брег живеат милиони Палестинци.
И челничката на британскиот Национален синдикат за образование (NUT), Кири Танкс, изјави дека Палестинците никогаш нема да се согласат на израелска анексија.
„Палестинците повеќе нема да му дадат ни педал земја на Израел, туку ќе продолжат да се борат за враќање на територијата која Израел ја окупираше, а која по резолуциите на ОН им припаѓа ним“, изјави Танкс.
Истакнувајќи дека ветувањата на Нетанјаху за анексијата на Западниот Брег нема да донесе ништо добро, Танкс изјави дека израелското раководство треба да седне на маса и да преговара со Палестинците.
Експертката на Арапската организација за човекови права, Хана Филипс, изјави дека најавата на Нетанјаху за анексија на Западниот Брег е исклучително загрижувачка.
„Од клучна важност би било меѓународната заедница да му испрати јасна порака на Нетанјаху дека треба да ја заврши окупацијата на палестинската територија и да им овозможи човекови права на сите Палестинци“, изјави Филипс.
Таа предупреди дека е загрижувачка и ситуацијата во која се наоѓаат палестинските затвореници во израелските затвори.
„Израел е единствена земја на светот која во воените затвори ги притвора децата“, изјави Филипс, и додаде дека меѓу 6.000 палестински затвореници во израелските затвори се наоѓаат најмалку 250 малолетници.