Şeyma Erkul Dayanç
25 Март 2026•Ажурирај: 27 Март 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Папата Лав XIV денес го повтори својот апел за прекин на огнот и ги повика властите да се стремат кон мир преку дијалог, предупредувајќи на пораст на омразата, насилствата и смртните случаи, јави „Ватикан њуз“, пренесува Анадолу.
„Сакам да го повторам веќе упатениот апел за прекин на огнот, да работиме кон мирољубие, но не со оружје - туку со дијалог”, изјави тој за новинарите во Кастел Гандолфо, Италија.
Папата предупреди дека „омразата се зголемува“ и дека насилството се интензивира, додавајќи дека повеќе од еден милион луѓе се изолирани, а многумина го загубија животот.
„Ние сакаме да се молиме за мир, но ги повикувам сите власти искрено да работат преку дијалог за решавање на проблемите“, изјави тој.
Во посебно обраќање за време на молитвата „Ангел Господов“ во неделата, папата изрази „загриженост“ од ситуацијата на Блискиот Исток и во другите региони погодени од војна и насилство.
„Ние не може да молчиме пред страдањето на толку многу беспомошни луѓе што се жртви на овие конфликти”, изјави тој.
Папата го осуди страдањето предизвикано од војните, нарекувајќи го „скандал за целото човечко семејство“.
Исто така, тој повика да се продолжи со молитва зада престанат непријателствата и да се отворат патиштата кон мирот преку искрен дијалог и почитување на човековото достоинство.
Ситуацијата во регионот ескалираше откако САД и Израел започнаа заедничка офанзива во Иран на 28 февруари, во која досега се убиени повеќе од 1.300 лица, меѓу кои и тогашниот врховен лидер Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан и Ирак, како и земјите од Персискиот Залив каде што се стационирани американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата, нарушувајќи ги глобалните пазари и воздушниот сообраќај.