Şerife Çetin
15 Февруари 2024•Ажурирај: 16 Февруари 2024
ЊУЈОРК (АА) - Земјите коишто продаваат или доставуваат оружје имаат одговорност во поглед на начинот на кој тоа оружје се користи каде било во светот, соопштија од Обединетите нации (ОН) во врска со користењето на оружјето што западните земји му го испорачуваат на Израел во воените злосторства, известува Анадолу.
Портпаролот на ОН, Стефан Дујарик, за Анадолу изјави дека постојат сѐ повеќе докази дека оружјето добиено од западните земји Израел го користи за извршување воени злосторства во Газа.
„Некои од овие земји се земји кои ги намалија своите средства за Агенцијата на ОН за помош и работа на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА)“, рече Дујарик.
Тој наведе дека оваа ситуација ги крши одлуките на Меѓународниот суд на правдата (МСП) според која Израел треба да преземе итни чекори за спречување на геноцидот.
Истакнувајќи дека ОН првенствено сакаат да се почитуваат одлуките на МСП, Дујарик наведе и дека би сакале финансирањето на УНРВА да продолжи, па дури и да се зголеми, имајќи ги предвид сѐ поголемите потреби.
„Во сето време земјите што продаваат или дистрибуираат оружје имаат одговорност за тоа како тоа оружје се користи каде било во светот“, рече Дујарик.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 28.576 Палестинци, главно деца и жени, а ранети се повеќе од 68.291 лице, објавија здравствените власти на палестинската енклава. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат илјадници мртви.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.