Истражување: Седумдесет и пет отсто од возрасните Холанѓани очекуваат ВИ да предизвика губење на работни места
- Покрај загубите на работните места, 64 отсто од испитаниците изјавиле дека вештачката интелигенција може да доведе до опаѓање на знаењето и вештините на вработените, според податоците на холандското Биро за статистика
ИСТАНБУЛ (АА) - Речиси три четвртини од возрасните Холанѓани веруваат дека вештачката интелигенција (ВИ) ќе доведе до губење на работни места, а големо мнозинство стравува дека таа ќе ги наруши знаењата и вештините на работниците, покажува новото истражување на холандското Биро за статистика (ЦБС), пренесува Анадолу.
ЦБС изјави дека спровело истражување меѓу возрасните Холанѓани за нивната перцепцијата на вештачката интелигенција, вклучително и потенцијалното влијание врз вработеноста.
Околу 75 отсто од анкетираните веруваат дека вештачката интелигенција ќе елиминира работни места, а речиси половина тврдат дека одредени професии ќе ги направи помалку интересни.
„Сè уште не е сосема јасно точно чии обврски би можеле да бидат преземени“, изјави Лук Ховиус од ЦБС, цитиран од холандскиот јавен сервис НОС.
„Може да помислите на административните позиции, но и некои улоги во дејноста за нега може да бидат заменети со роботи. Или земете ги предвид автомобилите што би биле од голема помош за доставувачите на пратки. Тоа е многу тешко да се предвиди бидејќи не може да видиме како ќе се развива технологијата”, кажа тој.
Покрај губењето на работните места, 64 отсто од анкетираните велат дека вештачката интелигенција би можела да резултира со опаѓање на знаењето и вештините на вработените.
Ховиус истакна дека рутинските задачи, како што се пишувањето, пресметувањето и програмирањето, сѐ повеќе би можеле да им се пренесуваат на системите за вештачка интелигенција.
„Не мора сами да програмирате; може тоа да ѝ го дадете на ВИ“, рече тој, предупредувајќи дека потпирањето на таквите алатки со текот на времето може да ја намали практичната стручност.
Истражувањето, исто така, покажа дека повеќе од три четвртини од возрасните се загрижени за поширокото општествено влијание на вештачката интелигенција. Сепак, помалку од половина веруваат дека оваа технологија ќе помогне во решавањето на структурните предизвици, како што се недостигот на работна сила или ниската продуктивност.
