Qais Omar Darwesh Omar,Muhammed Emin Canik
07 Јуни 2023•Ажурирај: 08 Јуни 2023
РАМАЛА (АА) - Израелските сили ранија 7, а приведоа 12 Палестинци во рамки на рацијата во окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
Според информациите добиени од локалните извори, израелските сили извршија рации во различни зони на Западниот Брег, пред сè во Ериха и Џенин.
Војниците извршија претрес во рамки на рациите извршени во бегалскиот камп „Акабе Џебр“ во градот Ериха. Настанаа тензии меѓу израелските војници и жителите во ова подрачје. Израелските сили интервенираа врз Палестинците со вистински куршуми, метални куршуми обложени со гума и солзавец.
Во соопштението на палестинската Црвена полумесечина се нагласува дека шест лица ранети со вистински куршуми во Акабе Џебр биле пренесени во државната болница во Ериха.
Меѓу другото, еден Палестинец беше повреден со вистински куршум за време на рацијата на израелските сили во село Кефр Дан во Џенин. За време на рацијата се случила експлозија на возилото на еден Палестинец.
Според соопштението на Здружението на палестински затвореници, за време на рациите на израелските сили во окупираниот Западен Брег биле приведени 4 лица во село Кефр Дан, 6 лица во Рамала и 2 лица во Калкилија.
Израелските сили често вршат рации во домовите во окупираниот Западен Брег и Источен Кудс, и под различни обвиненија приведуваат Палестинци.
Одвреме-навреме доаѓа до судири меѓу израелските сили и Палестинците кои реагираат на овие рации.