Mohamad Misto,Adham Kako,Burak Karacaoğlu,Ömer Koparan,Levent Tok
07 Октомври 2019•Ажурирај: 08 Октомври 2019
АФРИН (АА) - ЕКИПА - Министерот за одбрана во преодната Влада на Сирија и началник на Генералштабот, Селим Идрис, потенцирајќи дека воената опозиција е подготвена за можната операција на истокот на Еуфрат, рече: „Исто како што го ослободивме западниот дел на Еуфрат од терористите на ДЕАШ, и истокот на Еуфрат ќе го ослободиме од терористичките банди“.
Идрис, во Командата за специјални сили на Хамза во округот Африн, во изјава за Anadolu Agency (AA) ги оцени подготовките на воените опозициски групи за операцијата што ќе се спроведе на истокот на Еуфрат.
Групите на Слободната сириска војска (ССВ), кои се борат против режимот на Башар ал Асад во Сирија, минатиот петок соопштија дека се приклучиле на Сириската национална армија поврзана со преодната Влада на Сирија.
Идрис, подвлекувајќи дека источните региони на Еуфрат се дел од сириската територија, нагласи: „Овие места се под контрола на СДГ, кои голем дел ги сочинуваат терористи на ПКК и ПЈД. Овие терористи ги истераа луѓето од нивните домови. Нашата задача во овој период е да ги истераме терористите кои ја окупираа нашата територија и раселените лица да ги вратиме во нивните домови.“
Истакнувајќи дека имаат за цел да ја вратат довербата и стабилноста во регионот, Идрис нагласи: „Нашата заедничка цел со турските браќа е протерување на терористичките банди од регионот. Овие банди, кои сакаат да ја поделат Сирија исто така се обидуваат да ѝ наштетат на безбедноста и стабилноста на Турција.“
- „Ние сме подготвени за операцијата на исток од Еуфрат“
„Исто како што го ослободивме западниот дел на Еуфрат од терористите на ДЕАШ, и истокот на Еуфрат ќе го ослободиме од терористичките банди. Нашите луѓе ќе живеат во безбедност и мир. Бандите на ПКК и ПЈД сакаат да ја поделат Сирија и да бидат закана за безбедноста на Турција“, нагласи Идрис.
Идрис, наведувајќи дека со спојување на групите на ССВ се формирала сила која не може да се потцени, рече: „Како Национална армија, ние сме подготвени за операцијата на истокот на Еуфрат. Ние ги подготвивме нашите планови. Со помош на Господ ќе учествуваме во овие операции. Учеството е наша должност кон нашиот народ и нашите пријатели. Спојувањето на воените групи пред операцијата ни даде морал.“
Обраќајќи им се на луѓето од регионот, кои мораа да живеат под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК, Идрис рече:
„Луѓето од регионот на истокот од Еуфрат се наши граѓани. Горди сме на нив без разлика каква етничка припадност имаат. Ние нема да правиме разлика помеѓу етнички групи или религиозни групи. На нашиот народ таму му порачуваме дека сепаратистичките терористички организации на ПКК и ПЈД не се разликуваат од ДЕАШ. Им кажуваме: „Тие дојдоа за да ја поделат нашата земја, ги уништија сите места.“ Овие групи сакаат да ги реализираат целите на странските сили, кои сакаат да го запалат регионот.“
- „Тврдењата дека ДЕАШ ќе зајакне со влегувањето на Националната армија на истокот на Еуфрат се неосновани“
Идрис, потсетувајќи на операцијата во која е ослободен западниот дел на Еуфрат од терористичката ДЕАШ, истакна: „Тврдењата дека ДЕАШ ќе зајакне со влегувањето на Националната армија на истокот на Еуфрат се неосновани. Овие зборови немаат никаква врска со реалноста. Овие клевети насочени против нас во никој случај не ги прифаќаме. Факт е дека западните земји, ако сакаат за една недела би ја уништиле ДЕАШ. Но нивната цел е да нема безбедност и да се дестабилизира регионот.“
Опишувајќи го формирањето на СДГ во Сирија, каде што е вклучена ЈПГ/ПКК, Иддрис рече дека нивната таканаречена борба против ДЕАШ е „театар“.
„Многу добро знаеме од кого е основана СДГ. Земјите што го организираа овој театар, ги поддржуваат терористичките организации СДГ и ПКК. Ние видовме како ДЕАШ, која дејствува заедно со режимот на Асад, се повлече без да војува со СДГ. Добро ја знаеме соработката помеѓу оваа тројка. СДГ, режимот и ДЕАШ дејствуваа заедно против Сириската револуција. Сириската револуција беше создадена против угнетувањата и диктатурата. Ги замоливме земјите од слободниот свет да ја поддржат нашата борба и да нè спасат од овој режим. Но, тие се откажаа од принципите на слобода во кои веруваа и ги спроведуваа сопствените планови, што доведе до продолжување на кризата. Овие земји ги поддржуваат сепаратистичките терористички организации во Сирија“, нагласи Идрис.