Timo Kirez
05 Ноември 2026•Ажурирано: 05 Ноември 2026
Аеродромот во Виена денес добил електронска пошта со неодредена закана насочена кон четири лета, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Меѓу овие летови имало и авиони што полетувале од италијански аеродроми или имале дестинација во Италија.
Според наводите, авионот „Ербас А321“ на унгарската авиокомпанија „Виз ер“, кој летал од Милано-Малпенса кон Варшава, непланирано слетал во Виена.
По слетувањето на меѓународниот аеродром во Виена, во авионот не биле пронајдени сомнителни предмети, а подоцна утрото повторно полетал.
Финската авиокомпанија „Финеир“ соопшти дека била упатена и дојава за поставена бомба во еден од нејзините авиони за време на лет од Хелсинки кон Виена.
Летот го реализирала авиокомпанијата „Џетајм“, а авионот слетал во Виена според предвидениот распоред.
Инцидентите во Австрија не се изолирани случаи бидејќи и за други европски летови денес имало слични дојави.
Дојава за поставена бомба имало и за летот на „Финеир“ на линијата Хелсинки-Рим.
Италијанските воздухопловни сили безбедно го придружувале авионот до неговата дестинација, каде што слетал на аеродромот „Рим-Фјумичино“.
Три авиони извршиле непланирани слетувања на бугарски аеродроми, според известувањата на локалните медиуми.
Два авиона – едниот од Копенхаген, а другиот од Мадрид – слетале во Софија, додека третиот, кој летал од Лондон, слетал во Пловдив.
Авионот „Ербас А320“ на ирската авиокомпанија „Ер Лингус“, кој летал од Даблин кон Рим, бил пренасочен кон Франција. Авионот безбедно слетал на воениот аеродром „Еврe“, во Нормандија.
Само минатиот вторник најмалку седум авиони и еден крузер добиле слични закани.
Дојавите предизвикале прекини во работењето на неколку аеродроми. Меѓу погодените биле летови на авиокомпаниите „ЛОТ Полиш ерлајнс“, „САС“, „Виз ер“ и „Рајанер“.