Ahmet Gençtürk
04 Март 2023•Ажурирај: 05 Март 2023
АТИНА (АА) - Штрајкот на грчките железничари во знак на протест поради железничката несреќа во северната провинција Лариса, во која загинаа најмалку 57 лица, е продолжен за уште два дена, објавија синдикатите, јавува Анадолу.
Трите главни синдикати што ги претставуваат железничарите во земјата во заедничка изјава рекоа дека одлуката е донесена едногласно во присуство на работниците со цел „да се повикаат сите релевантни тела итно да преземат соодветни мерки за враќање на безбедноста на грчкиот железнички транспорт“.
„Немаме повеќе толеранција за рамнодушноста на сите надлежни органи, кои со години намерно ги игнорираат нашите барања и нашите предупредувања“, се додава во изјавата.
Синдикатите најавија и протестен митинг во главниот град Атина утре изутрина.
Новинскиот канал „902.gr“ објави дека на митингот ќе учествуваат и разни синдикати на занаетчии и други работници.
Вчера, новиот министер за транспорт, Јоргос Герапетритис, најави формирање на специјална комисија за истрага на несреќата.
„На комисијата ѝ е наложено да ја заврши својата работа што е можно поскоро и да побара помош од кој било технички персонал, експерти или други инстанци доколку смета дека е потребно“, пренесе државната новинска агенција АМНА.