Ekipa
05 Јули 2017•Ажурирај: 05 Јули 2017
ДОХА (АА) - Шефот на катарската дипломатија шеикот, Мухамед бин Абдул Рахман Ал Тани, по средбата со германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел во Доха, изјави дека неговата земја го отфрла туторството, истакнувајќи дека кризата може да се реши само преку преговори и дијалог, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во рамки на заштитата на суверенитетот на земјата и на меѓународното право, одговоривме на барањата на земјите кои воведоа ембарго против нас“, рече Ал Тани на прес-конференцијата по одржаниот состанок.
Заливските земји на Катар му поднесоа листа од 13 барања, меѓу кои е и затворањето на медиумската мрежа Al Jazeera (Ал Џезира). Рокот за исполнување на овие барања истече на 2 јули, а на барање на Кувајт просаудискиот блок се согласи да го продолжи рокот за дополнителни 48 часа. Исполнувањето на условите на Катар му е наметнато како услов за деблокада, а во спротивно му се закануваат нови санкции.
„Барањата се нереални и неизводливи“, го повтори својот став Ал Тани, додавајќи дека наведените барања го кршат суверенитетот на земјата и претставуваат мешање во нејзинитев внатрешни работи.
„Катар нема да прифатат туторство на ниту една земја. Подготвени сме да разговараме за сите жалби од овие земји, доколку постои можност за дијалог врз основа на еднаквост меѓу државите, а не врз основа на закани. Нема решение за каква било криза, освен на преговарачка маса“, рече шефот на катарската дипломатија.
Министерот Габриел изјави дека Германија ги поддржува напорите на Кувајт и САД, со цел да се постигне решение за кризата во Заливот, додавајќи дека и неговата земја прави напори за да се изнајде одредено решение.
Потсетување, кризата во Заливот ескалираше на 5 јуни, кога властите на Саудиска Арабија, Бахреин, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Јемен ги прекинаа дипломатските односи и ги блокираа границите на Катар. Катар се обвинува за поддршка на тероризмот, наводи што официјална Доха ги негира и ги оценува како неосновани обвинувања.