Bojana Stojanovic
03 Јуни 2020•Ажурирај: 03 Јуни 2020
БЕЛГРАД
Иран и Србија ќе развиваат соработка во сите области во кои за тоа постојат можности, се согласија денеска во телефонски разговор претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Иран, Хасан Рохани, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Вучиќ се заблагодари на Рохани за иницијативата за разговор и истакна дека Србија ќе ја развива соработката со Иран во областите во кои за тоа постојат реални можности и интерес од двете страни“, се соопштува од Претседателството на Србија.
Тој изрази надеж дека двете земји успешно ќе ја надминат здравствената ситуација и ќе се посветат на исполнување на плановите за иднина, како и на развојот на билатералната соработка, особено економската, бидејќи таа заостанува зад добрите политички односи.
Во врска со тоа ги издвои областите со големи можности за соработка, како земјоделството и прехранбената индустрија, потоа различни производствени активности, градежништвото, рударството и енергетиката и информатичката технологија.
Вучиќ нагласи дека „Србија искрено му е благодарна на Иран, која своето пријателство го покажува со принципиелен став за непризнавање на Косово, како и со поддршка во однос на ова прашање, и покрај големите притисоци."
Рохани изјави дека Иран ќе остане доследен во почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија и ќе продолжува да ја поддржува таа земја во меѓународните организации. Тој ја потврди определбата на Иран да развива разновидни односи со Србија и му се заблагодари на Вучиќ за ангажирањето во развојот на билатералната соработка.
Претседателот на Србија изрази сочувство поради жртвите од последиците на Ковид-19 во Иран.
Двајцата соговорници изразија надеж дека сузбивањето на овој вирус наскоро ќе ги овозможи претходно планираните меѓудржавни контакти и размена на посети.
Претседателот Рохани го покани претседателот Вучиќ да дојде во посета на Иран, кога тоа ќе го овозможат околностите, што претседателот Вучиќ со задоволство го прифати.