Emre Gürkan Abay
10 Ноември 2017•Ажурирај: 11 Ноември 2017
МОСКВА (АА) - ЕМРЕ ЃУРКАН АБАЈ - Денес, на 10. ноември, во Москва беше отворена изложба на наградените фотографии од „AA Istanbul Photo Awards 2017“, меѓународен натпревар во фотографија организиран од Anadolu Agency (АА).
Руските фотографи што беа наградени на натпреварувањето сметаат дека е мошне важно тоа што изложба на овие фотографии е отворена во Москва, Њујорк, Истанбул и во други градови.
Мери Гелман, победник во категоријата „Серија портрет“ за жените, за АА истакна дека е среќна што имала можност да го претстави својот проект за тешкотиите на животот со коишто денес се соочуваат жените во нејзината земја.
„Среќна сум за наградата од натпреварот. Откако моите фотографии се најдоа на оваа меѓународна изложба, почнав да добивам позитивни коментари од целиот свет“, рече Гелман, истакнувајќи дека е особено задоволна поради тоа што нејзините слики имаа можност да ги видат и љубителите на фотографијата од Истанбул и од Њујорк.
Елена Аносова, исто така од Русија, која ја освои втората награда за проектот насловен „Далеку од градот“, а се работи за серија фотографии на природата и околината, рече дека оваа награда за неа ќе биде движечка сила и поттик за понатамошни проекти.
Аносова престојувала во рускиот регион Сибир, а преку своите фотографии сакаше да ги прикаже местата што се отсечени од светот, поради мошне слабата патна инфраструктура.
„Луѓето сакаат да видат вакви изолирани места. Навистина беше прекрасно чувството кога бев информирана за наградата. Да се добие награда на натпревар од овој тип е особено важно ако сте независен фотограф. Тоа ви дава сила да продолжите“, рече Аносова.
За фотографија на годината на „Istanbul Photo Awards 2017“, беше избрана фотографијата „Бегство од ДЕАШ“, која во Ирак за „Paris Match“ (Париз меч) ја направи Французинот Фредерик Лафарг. Изложбата на наградените фотографии на „AA Istanbul Photo Awards 2017“ во Москва ќе биде отворена до 19. ноември.
Пријавувањето за „AA Istanbul Photo Awards 2018“, меѓународен натпревар во фотографија којшто Anadolu Agency (АА) ќе го организира по четврти пат, започна на 1 ноември и ќе трае до 31 јануари 2018 година.