Alma Çekovic
18 Јули 2016•Ажурирај: 19 Јули 2016
ПАРИЗ (АА) - По нападот во Ница на Денот на Бастилја, во кој загинаа 84 лица, а десетици беа повредени, поранешниот претседател на Франција, Николас Саркози ја критикуваше власта на Франција дека не направила доволно за безбедноста на своите граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Саркози повика сите странци што имаат каква било врска со радикалистите да бидат протерани од Франција.
„Демократијата не смее да биде слаба, ниту треба само да се одбележува. Демократијата треба да каже ‘Ќе победиме во оваа војна’“, рече лидерот на централно-десничарското крило.
Како што кажа, Саркози ги поддржува острите мерки како што се ‘протерување на радикалните муслимани’ и електронското означување на оние што претставуваат опасност поради радикализацијата.
Според информациите од канцеларијата на обвинителот, вчера биле приведени уште две лица во рамките на истрагата за тероризам. Не е откриен нивниот идентитет, но се дознава дека петмината претходно приведени лица во рамките на истрагата остануваат во притвор.
Со истрагата се настојува да се откријат евентуалните соработници и помагачи на напаѓачот, 31-годишниот возач на камионот, тунижанецот Мохамед Булел, кој со години живеел во Ница. Него го неутрализираше полицијата откако тој со камионот со кој управуваше влета во масата собрана во центарот на Ница, во четвртокот, на 14 јули на, прославата на Денот на Бастилја.
Терористичката оргазинизација ДАЕШ ја презеде одговорноста за нападот што се случи на 14 јули, но остана неразјаснето дали напаѓачот имал конкретни контакти со таа терористичка организација. Според соопштението на ДАЕШ, напаѓачот го следел нивниот апел за напад врз граѓаните на државите што се борат против екстремистите.
Француската власт не ги отфрла тие наводи, но не се пронајдени конкретни докази за поврзаноста на напаѓачот со ДАЕШ.
Министерот за внатрешни работи на Франција, Бернар Казнев изјави: „Изгледа дека напаѓачот е радикализиран многу брзо“.
Некои членови од семејствата на загинатите во нападот се незадоволни бидејќи не можат да дојдат до информации за своите најмили и ѝ се лутат на полицијата затоа што не направила повеќе да го спречи смртоносниот напад, иако Франција се наоѓа во вонредна состојба уште од ноември, по терористичкиот напад во Париз.