Furkan Abdula
12 Мај 2019•Ажурирај: 13 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Новоизбраниот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, се сретна со лидерите и високите претставници на земјите од регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
По церемонијата на примопредавање на функцијата претседател на државата одржана во Вила „Водно“ во Скопје, Пендаровски оствари тет-а-тет средба со поранешниот претседател на државата, Ѓорѓе Иванов, по која следеше состанокот на Пендаровски со вработените на претседателскиот кабинет.
Исто така, претседателот Пендаровски ги пречека на средба претседателот на Бугарија, Румен Радев, и претседателот на Албанија, Илир Мета, со кои одржа одделни билатерални средби.
Новоизбраниот претседател на Северна Македонија имаше средба и со заменикот министер за надворешни работи на Република Турција,Фарук Кајмакџи, кој беше придружуван од страна на амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара.
Пендаровски во Вила „Водно“ имаше средба и со министерот за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ и Пјотр Вавжик, државен потсекретар во Министерството за надворешни работи на Полска.
Пендаровски, пред неговите средби во Вила „Водно“, во Собранието на Северна Македонија се сретна и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи на Грција, Георгиос Катроугалос.
Инаку, денес во Собранието на Северна Македонија се одржа свечена седница на којашто Пендаровски даде свечена изјава.