политика

Претседателот на ПС на Советот на Европа: Продолжуваме со поддршката на Северна Македонија на евроинтегративниот пат

Русопулос рече дека во изминатите 30 години членство во Советот на Европа, Северна Македонија покажала дека моралната зрелост не се мери по големина, туку по капацитетот да се слуша, да се почитува и да се прифаќа

Elena Trenchevska Chekovic  | 03.11.2025 - Обновена : 03.11.2025
Претседателот на ПС на Советот на Европа: Продолжуваме со поддршката на Северна Македонија на евроинтегративниот пат Фото: Собрание на РСМ

СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос, денес престојува во посета на Северна Македонија, по повод 30-годишнината од зачленувањето на земјата во Советот, јавува Анадолу.

Русопулос оствари средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, и одржа говор пред пратениците на законодавниот дом.

„Вашиот напредок е значителен и извонреден. Парламентарното собрание на Советот на Европа ја поддржува и ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат“, порача тој во обраќањето.

Русопулос рече дека во изминатите 30 години членство во Советот на Европа, Северна Македонија покажала дека моралната зрелост не се мери по големина, туку по капацитетот да се слуша, да се почитува и да се прифаќа.

Тој истакна дека 75 години по потпишувањето на европската конвенција за човекови права и 30 години по приклучувањето на Северна Македонија кон Советот на Европа, приказната за Европа продолжува.

Споменувајќи ги зборовите на Винстон Черчил дека Балканот создава повеќе историја отколку што може да консумира, Русопулос рече дека Балканот познава повеќе историја од кој било друг, но и произведува повеќе мудрост.

„Балканот покажа дека сеќавањата на болка можат да бидат дисциплина за мирот и дека соживотот може да се научи, дека европската единственост не е подарок од географијата, туку избор на волја“, истакна тој.

Осврнувајќи се на геополитичките случувања, Русопулос рече дека демократијата ја губи својата емоционална гравитација и порача дека мора да се анимира демократијата, а дека Советот на Европа останува местото за дијалог. ​​​​​​​

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.