Erbil Başay
24 Јули 2017•Ажурирај: 25 Јули 2017
БЕРЛИН (АА) - Портпаролката на Владата на Германија, Улрике Демер, изјави дека целосното вртење грб на Европа кон Турција или на Турција кон Европа нема да биде во интерес ниту на Европа ниту Германија, јавува Anadolu Agency (AA).
Коментирајќи во врска со односите меѓу Европската Унија и Турција, Демер денес во Берлин изјави дека сите што сакаат да станат членки на Европската Унија, мораат да ги почитуваат нејзините вредности, кои се услов за влез.
Таа истакна дека на дневен ред не е отворањето нови поглавја во преговорите меѓу Брисел и Анкара, и оти Турција, пред сѐ, мора да појасни какви односи мисли да гради со Унијата.
„И покрај сите критики поради актуелните случувања во Турција, Европската комисија и понатаму таа земја ја третира како кандидат за членство. Важно е во иднина, Комисијата детално да го разгледа постењето на основа за прекин на преговорите“, рече Демер.
Утре во Брисел, лидерите на Европската Унија ќе се сретнат со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, и со министерот за ЕУ, Омер Челик, а Демер рече дека Турција е важен партнер и така ќе остане.
„Турција е членка на НАТО. Целосното вртење грб на Европа кон Турција или на Турција кон Европа нема да биде во интерес ниту на Европа ниту на Германија“, изјави Демер.