Ekipa
29 Октомври 2021•Ажурирај: 30 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - По повод 29 Октомври, Денот на Република Турција, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, упати честитки до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Честитки до претседателот Реџеп Таип Ердоган и турскиот народ по повод Денот на Република Турција. Ќе продолжиме да го демонстрираме нашето пријателство, поддржано од НАТО Алијансата, преку нашите заеднички напори за одржување на стабилноста и просперитетот во регионот,“ порача Пендаровски преку објава на Твитер.
- Министерот Османи упати честитка по повод празникот до турскиот шеф на дипломатијата Чавушоглу -
По повод турскиот национален празник, видеопорака со честитки до својот колега, турскиот шеф на дипломатијата, Мевлут Чавушоглу, упати и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.
„Со задоволство Ви упатувам честитки Вам, министре, на Вашата дипломатска служба и на сите граѓани на Турција. Имаме долга историја на пријателство и соработка помеѓу двете земји, која може понатамошно да се развива со уште поголема динамика во интерес на нашите држави и нашите граѓани. Не само како НАТО-сојузници и стратешки партнери, туку и како знак на нашите одлични билатерални односи“, истакна Османи.
Тој ја пофали можноста за дополнително зголемување на севкупната соработка во економијата, трговијата, инвестициите, образованието, културата помеѓу двете земји.
„Придаваме големо значење на присуството на турските компании во Северна Македонија, за нашата економија и работните места што тие ги обезбедуваат. Во очекување на нашата следна средба и размена на мислењата, уште еднаш, почитуван министре, упатувам мои најдобри желби“, рече Османи.
Турција денеска го одбележува националниот празник 29 Октомври, во знак на сеќавање на давање на името на нацијата и прогласувањето на државата за република, на 29 октомври 1923 година, од страна на нејзиниот основач Мустафа Кемал Ататурк.