Ekip
06 Јуни 2021•Ажурирај: 07 Јуни 2021
МЕТЕПЕК
Во Мексико денес се одржуваат едни од најважните избори во историјата на оваа земја на кои се бираат 500 пратеници, колку што вкупно брои Долниот дом на мексиканскиот Парламент, јавува Агенција Анадолија (АА).
На денешните избори се бираат и влади во 15 од вкупно 32 сојузни мексикански држави, а на изборите ќе бидат избрани повеќе од 20.000 позиции на локално ниво.
Политичката мапа што беше на сцена во изминатите три години сигурно ќе биде преобликувана со денешните избори и од тоа ќе зависи политичкиот дискурс што мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор ќе го следи во преостанатите години од мандатот.
Повеќе од 93 милиони гласачи имаат право на глас на денешните локални избори во Мексико, што е четири милиони повеќе во однос на бројот на регистрирани гласачи на изборите во 2018 година.
Според предизборните анкети на компанијата „Окулус“, фаворит на денешните избори е владејачката партија Морена, што ја предводи претседателот на Мексико, Лопез Обрадор.
Партијата Морена има поддршка од 41 отсто Мексиканци и се очекува да го задржи мнозинството во Долниот дом на Парламентот во кој моментално има 60 отсто пратеници, а се очекува и да формира влади во девет од 15 сојузни држави.
Двете најсилни опозициски партии ПРИ и ПАН се здружија во алијанса за да се обидат заеднички да ја победат владејачката опција во Мексико. Анкетите ѝ даваат на таа алијанса шанси за освојување на 34 отсто од гласовите.
Последните истражувања на јавното мнение во Мексико исто така покажаа дека рејтингот на претседателот Лопез Обрадор и понатаму стои над 50 отсто и дека не го потресе ниту пандемијата што е проследена со сериозни економски последици во светот.
Меѓутоа, резултатите од денешните избори би можеле да го сменат курсот на политиката што Лопез Обрадор и неговата партија ја водат во Мексико.