Furkan Abdula
10 Јуни 2021•Ажурирај: 10 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, реагираше во врска со прогласувањето за непожелна личност на дипломатот вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва, од страна на Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од МНР истакнаа дека овој потег на руската страна претставува политичка одлука базирана единствено на начелото на политичка одмазда, и дека со тоа негативно ќе влијае на интензитетот на билатералните односи меѓу двете земји.
МНР на Северна Македонија писмено реагира против прогласувањето за непожелна личност на дипломатот вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва, од страна на Русија.
„Министерството за надворешни работи информира дека денеска вршителот на работите во Амбасадата на Република Северна Македонија во Москва, Оливера Чаушевска-Димовска, е повикана во Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, при што ѝ била врачена Нота за прогласување персона нон грата на наш дипломат - аташе од Амбасадата на Република Северна Македонија во Москва“, се нагласува во соопштението.
„Министерството за надворешни работи искажува жалење за овој неоснован потег на руската страна, кој претставува политичка одлука базирана единствено на начелото на политичка одмазда, и која со тоа негативно ќе влијае на интензитетот на билатералните односи меѓу двете земји“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни на Северна Македонија.
Потсетуваме, Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека дипломат вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва е прогласен за непожелна личност.
Во ова соопштение на руското Министерство се потсетува дека Северна Македонија минатиот месец прогласи еден руски дипломат за персона нон грата, и дека оваа мерка е донесена против, како што се нагласува, одлуката од македонска страна без причина да го депортира рускиот дипломат.