Abdula Berisha
04 Март 2019•Ажурирај: 05 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, го предводеше третиот овогодишен состанок на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ), во кој што учествуваа државните секретари на министерствата и преговарачкиот тим со Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Во врска со работата на Комитетот за европски интеграции, со којшто раководи самиот вицепремиер Османи, тој рече дека претставува најголем инструмент за координација на администрацијата за подготовка на земјата за членство во ЕУ, додека ваквите состаноци, според него, се дел од активностите за мобилизација на администрацијата.
Османи се заложи да го мобилизира и последниот вработен во администрацијата, и истакна дека постои извонредно расположение и во меѓународната заедница, како резултат на затворањето на големите политички прашања, алудирајќи пред сѐ на ратификацијата на Преспанскиот договор помеѓу Северна Македонија и Грција.
„Секако, ова не значи дека ние сега треба да седиме со скрстени раце, затоа што сме ги затвориле големите политички теми. Всушност, ние треба да ги завршиме нашите домашни задачи, во насока на реформите во судството, јавната администрација, разузнавачките служби и борбата против организираниот криминал и корупцијата. Планот 18 се реализира со оптимална динамика. Меѓутоа, очекувам сеопфатен ангажман вклучувајќи и политичка поддршка од политичките партии за да го поминеме овој пакет закони“, рече Османи.
Запрашан дали спроведувањето на реформите, односно донесувањето на законите во Собранието, ќе се развива според предвидените рокови, Османи рече дека секогаш пред брзината, се дава предност на квалитетот.
Меѓутоа, Османи истакна дека не треба да се одолговлекува со овие процедури, затоа што во јуни земјите членки на ЕУ треба да донесат одлука дали ќе започнат преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.
На крај, вицепремиерот Османи побара од јавноста да го задржи вниманието на темите поврзани со интеграцијата на земјата во Европската Унија (ЕУ), и покрај актуелните политички теми, како што се претседателските избори.
Планот 18 дојде по Планот 3-6-9, со којшто Владата се заложува за спроведување на условените реформи за членство на земјата во ЕУ. Планот 3-6-9 беше донесен во 2017 година, врз основа на програмата на Владата, Пржинскиот Договор, Извештајот на Прибе, Венецијанската Комисија, препораките на ГРЕКО, како и препораките на ОБСЕ-ОДИХР.
Потсетуваме дека Република Северна Македонија, заедно со Албанија, во јуни минатата година добија условен датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.