Ayhan Şimşek
27 Април 2017•Ажурирај: 28 Април 2017
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел денес повика на „конструктивен дијалог“ меѓу ЕУ и Турција, поради тековните несогласувања во врска со уставните промени во Турција одобрени на референдумот на 16 април, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето денешно обраќање пред пратениците во германскиот Парламент, пред Самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, Меркел изјави дека неодамнешните политички тензии тешко ги погодиле односите меѓу Турција и ЕУ, како и односите меѓу Германија и Турција.
Но таа ги одби повиците на опозицијата за прекин на разговорите за членство на Турција во ЕУ или да се заврши соработката со Анкара.
„Неповратното оддалечување на Турција од Европа, а исто така и на Европа од Турција, за кое би сакала да зборувам со претпазливост; нема да биде ниту во интерес на Германија, ниту пак во интерес на Европа“, истакна таа.
Меркел нагласи дека германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, ќе се состане со својот турски колега Мевлут Чавушоглу во рамките на неофицијалниот собир на земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидатки во Малта, на 28 и 29 април.
„Ние ќе продолжиме со нашите напори да се вратиме на конструктивниот дијалог меѓу Германија и Турција и меѓу Европа и Турција“, рече таа, додавајќи дека ќе продолжи одблиску да ги следи случувањата во Турција, на полето на демократијата, владеењето на правото и човековите права.
Таа ги повтори критиките на Берлин за Анкара, во врска со притворањето на дописникот за германскиот весник Die Welt (Дие велт) во Истанбул, Дениз Јуџел, кого го очекува судењето по обвиненијата за ширење терористичка пропаганда и за поттикнување омраза.
Меркел изјави дека односите на ЕУ и Турција не се на официјалната агенда на Самитот на ЕУ, кој ќе се одржи в сабота, каде што 27-те земји-членки на ЕУ, без Велика Британија, треба да ги усвојат упатствата за преговорите за Брегзит.
„Но најверојатно, лидерите за време на своите дискусии ќе допрат и до развојот на односите ЕУ – Турција“, додаде таа.
Германската канцеларка нагласи дека 28 земји-членки на ЕУ треба да усвојат заедничка политика за идните односи со Турција, врз основа на јасен и мудар пристап.
Повеќе од 50 отсто од турските граѓани гласаа за претседателскиот систем во Турција, но неколку европски институции изразија загриженост тврдејќи дека таквата промена ќе ја ослаби независноста на судството, и другите неопходни контроли и урамнотеженоста на демократскиот систем.
За време на своето обраќање во германскиот Парламент, Меркел изрази почит за правото на турскиот народ да донесува одлуки во врска со уставот во сопствената земја.
Сепак, таа исто така ја повика Анкара да ги сфати сериозно извештаите на европските институции и да се справи со европската загриженост во врска со уставните промени и наводните нерегуларности за време на референдумскиот процес.
Додека заедничкиот извештај на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) го критикуваа спроведувањето на референдумот во Турција на 16 април, Анкара остро го критикуваше извештајот и изрази силна загриженост за неговата непристрасност.
Турските медиуми објавија дека неколку европски набљудувачи како германскиот пратеник Андреј Хунко, кој придонесе за извештајот, јавно ја поддржувале референдумската кампања за да се гласа со „не“, и ги поддржувале собирите на терористичката група ПКК.
Загриженоста изразена од страна на неколку европски институции во врска со претседателскиот систем во Турција е отфрлена од страна на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија).
Лидерите на АК Партија го промовираа претседателскиот систем, нагласувајќи дека тој ќе придонесе за поефективен административен систем којшто повеќе ќе ги забрза потребните реформи и ќе ја зајакне политичката стабилност.