Husamedin Gina
04 Февруари 2022•Ажурирај: 05 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамките на дводневната работна посета на институциите на Европската Унија (ЕУ), денеска во Брисел се сретна со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Владата, премиерот Ковачевски на средбата со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, истакнал дека новата Влада го задржува фокусот на клучните реформски области за европеизација на владеењето на правото и борбата против корупцијата, демократското владеење, економскиот развој, енергијата и климата и дигиталните транзиции, како и на унапредување на добрососедските односи и европската интеграција.
За време на разговорот, Ковачевски го информирал Мишел за започнатиот интензивен дијалог меѓу владите на Северна Македонија и Бугарија.

На средбата исто така бил споделен заеднички став дека е забележлива подготвеноста на владите во Скопје и Софија да се удвојат напорите за подобрување на односите меѓу земјите и дека во таа насока ангажманот на европските институции во помагањето за деблокирање на процесот за пристапување кон ЕУ за Северна Македонија, како и за Албанија, се очекува позитивно да влијае на динамиката на реформите во Западен Балкан.
- Брзото започнување на преговарачкиот процес за Северна Македонија ќе биде позитивен импулс за динамиката на реформите -
На средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, премиерот Ковачевски истакнал дека во наредниот период, за време на претседавањето на Франција со ЕУ, едно од клучните очекувања е засилениот ангажман на Европската комисија да помогне во деблокирање на процесот за проширување со Северна Македонија и Албанија.
Ковачевски во таа насока како охрабрувачка ја оцени брзата организација на неговата работна посета на Брисел, заради можноста највисоките претставници на ЕУ да бидат запознаени со резултатите од интензивната агенда на дијалогот помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
На средбата со Фон дер Лајен, премиерот истакнал дека на двете официјални работни средби, и во Скопје и во Софија, постигнат е договор за унапредување на билатералната соработка преку создавање пет работни групи.
Двајцата соговорници се согласиле дека од голема важност е што поскоро да започне преговарачкиот процес за Северна Македонија за да се одржи динамиката на реформите.
- Брисел го потврди ставот за отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ без одлагање -
По средбите со високите претставници на Европската Унија, премиерот Димитар Ковачевски даде изјава за медиумите.
Во изјавата премиерот Ковачевски истакна дека лидерите на институциите на ЕУ се едногласни во поддршката за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија за отворање на поглавјата без одлагање.
Меѓу другото, премиерот подвлече дека иднината на Северна Македонија е во европското семејство и дека тоа е иднина на највисоки демократски вредности, на зелената агенда, на обновливите извори на енергија, на дигитализацијата и пат кој на младите им создава предвидливост и простор за развој.