Ahmet Dursun
10 Март 2023•Ажурирај: 14 Март 2023
АНКАРА (АА) - Иран и Саудиска Арабија се договорија повторно да ги воспостават дипломатските односи и за заемно отворање на амбасадите по седум години, пренесува Анадолу.
Според веста на иранската државна телевизија, постигнат е договор од страна на високите безбедносни функционери на Иран и Саудиска Арабија, по преговорите што започнаа на 6 март со посредство на кинеските претставници во Пекинг за нормализирање на односите.
Договорот постигнат меѓу Техеран и Ријад по седум години беше објавен во јавноста преку заедничко соопштение на Иран, Саудиска Арабија и Кина.
Во соопштението се вели дека Иран и Саудиска Арабија се договориле за повторно воспоставување на дипломатските односи и меѓусебно отворање на амбасади и дипломатски претставништва во рок од два месеци.
Истовремено, министрите за надворешни работи на двете земји наскоро ќе се сретнат за да го координираат процесот и да ги разјаснат деталите.
- Односите меѓу Иран и Саудиска Арабија
На 2 јануари 2016 година, 47 лица, меѓу кои и шиитскиот свештеник Нимр ал Нимр, беа егзекутирани под обвинение за „тероризам“ во Саудиска Арабија.
По изјавите на иранските власти кои реагираа на егзекуциите, саудиската Амбасада во Техеран и зградите на Конзулатот во градот Машхад беа запалени од демонстрантите во Иран.
Дипломатските односи меѓу двете земји, веќе затегнати од кризата во Јемен што започна во март 2015 година, беа целосно прекинати.
Иранските и саудиските власти се состанаа во април 2021 година во Багдад за да разговараат директно, а разговорите потоа продолжија со посредство на Ирак.