Admir Fazlagic
20 Септември 2016•Ажурирај: 20 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во Њујорк имаше средба со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од кабинетот на претседателот Иванов на средбата се разговараше за состојбата со евроинтеграцијата на Република Македонија, како и за предизвиците коишто произлегуваат од мигрантската и бегалска криза, особено безбедносниот аспект, соопшти кабинетот на Иванов.
Македонскиот претседател нагласил дека Република Македонија ќе го продолжи реформскиот процес, со цел достигнување на европските стандарди и критериуми и ќе продолжи да придонесува за регионалната соработка, во одржувањето на стабилноста и просперитетот на регионот на Југоисточна Европа.
Република Македонија, истакнал претседателот Иванов, бара еднаков и правичен однос од европското лидерство и од сите земји-членки на Европската унија и очекува да се примени позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на отворените билатерални прашања.
„И покрај предизвиците со кои се соочува Унијата, како и самиот процес на проширување, на Република Македонија, како и на целиот регион на Југоисточна Европа им е потребна забрзана интеграција во Европската унија, затоа што тоа е најдобриот начин за целосно консолидирање на регионот, со што пак, ќе се консолидира и Европската унија", истакнал претседателот Иванов, стои во соопштението.
Во контекст на предизвиците поврзани со мигрантската ибегалската криза, претседателот Иванов потенцирал дека Република Македонија се залага за сеопшто европско решение, што ќе опфаќа заеднички критериуми за справување со мигрантската криза. Во таа насока, соговорниците констатирале дека е потребна итна координирана и синхронизирана акција на сите засегнати држави.
Се наведува дека македонскиот претседател истакнал дека Република Македонија ги презема сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност, притоа имајќи ја предвид обврската за хуман третман на бегалците.