Ekip
29 Март 2020•Ажурирај: 29 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - „Земјите членки конечно се согласија за почеток на преговори со Северна Македонија. Ова не е само уште една одлука на Европската унија (ЕУ), ова е одлука за почеток на преговорите за пристапување", изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за Медиумската информативна агенција (МИА), евроамбасадорот Жбогар истакна дека нема повеќе дополнителни услови и по тој повод упати честитки до граѓаните на земјата, за, како што рече, нивното трпение, решителност и посветеност кон европската идеја.
Жбогар изјави дека очекува до јуни Европската комисија, која ќе преговара со Северна Македонија во името на сите земји членки на ЕУ, да подготви предлог преговарачката рамка, во која ќе биде вклучена новата методологија.
„Потоа земјите членки треба да го разгледаат и усвојат документот. Откако тоа ќе биде направено ќе се закаже првата меѓувладина седница, која го означува почетокот на процесот на преговарање. Но да повторам уште еднаш, земјите членки донесоа одлука да отворање на преговори. Нема враќање назад, тоа значи дека сега сте во возот за
преговарање и тој ја напушти станицата", вели Жбогар.
Според него, брзината на преговорите зависи од тоа колку брзо земјата ќе ги исполнува потребните услов и реформи, за што е потребна соработка од сите политички чинители.
„Мојот совет е да не се гледа на преговорите како на исполнување задачи што треба да ве однесат во ЕУ. Процесот на преговарање е инструмент што треба да ја донесе ЕУ во вашата земја, да донесе вистинска промена на општеството и земјата и со тоа да ги исполни потребите на граѓаните. Патот (преговорите) е подеднакво важен како и крајната дестинација (членството)", истакнува Жбогар во интервјуто.
Потсетуваме, Европската Унија на 25 март соопшти дека донела одлука за официјално започнување на преговорите со Република Сепверна Македонија и Албанија за членство во Унијата.
Во октомври минатата година, поради противењето на Франција, Европскиот совет не донесе одлука за почнување пристапни преговори со Северна Македонија, поради што во земјата беа распишани предвремени парламентарни избори кои требаше да се одржат на 12 април оваа година, но поради состојбата со коронавирусот (Ковид-19), политичките лидери се согласија изборите да бидат одложени, без да се одреди датумот на нивно одржување.