Husamedin Gina
19 Август 2020•Ажурирај: 22 Август 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши истакнаа дека договорената влада помеѓу Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и коалицијата „Можеме“ и Демократската унија за интеграција (ДУИ) нема легитимитет и дека оваа партија уште од првиот ден не го одржа ветувањето за премиер Албанец, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред Собранието на државата, како претставници на коалицијата меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши одржаа заедничка прес-конференција.
Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села истакна дека со вчерашниот договор помеѓу СДСМ и ДУИ за составување на нова Влада е „нелегитимен и не е израз на волјата на граѓаните."
„Кога сме кај тој легитимитет, нашиот опонент ДУИ го нема тој легитимитет, бидејќи тие, сведоци се сите граѓани, дека волјата на граѓаните ја злоупотребија, ја украдоа, ја купуваа со пари и ја уплашуваа", нагласи Зијадин Села.
Меѓу другото, Села рече дека чекаат се уште одговор од Обвинителство за изборните нерегуларности на парламентарните избори кои се одржаа на 15 јули годинава.
Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши рече дека основното ветување на ДУИ пред изборите беше премиер Албанец и тоа ветување го изгази уште првиот ден и затоа таму не може да има легитимитет.
„Губи секаков легитимитет затоа што сте собирање гласови врз тоа ветување, ако не ја вратиме ова компонента во демократијата ќе изгуби смислата на зборот, на јавниот искажан збор“, рече Гаши.
Лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, вчера одржаа средба после која ја известија јавноста дека постигнале коалициски договор за создавање парламентарно мнозинство. Тие најавија дека дел од новата владина коалиција ќе биде и Демократската партија на Албанците (ДПА).
Според процедурите, по договорот за новата Влада се очекува претседавачот на Собранието, Џафери, да закаже продолжение на конститутивната седница на која треба да се избере претседател на Собранието. Потоа, претседателот на Собранието треба да свика нова седница на која треба да биде изгласана новата Влада.
Потсетуваме, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 13 август му го врачи мандатот за состав на новата Влада на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, кој ја предводи коалицијата „Можеме“ која освои најмногу гласови на последните предвремени парламентарни избори одржани на 15 јули.
На овие избори, според конечните официјални резултати кои ги објави Државната изборна комисија (ДИК), најмногу пратенички мандати освои коалицијата „Можеме“, предводена од владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) односно 46, потоа ВМРО-ДПМНЕ 44, Демократската унија за интеграција (ДУИ) освои 15 мандати, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива освоија 12 мандати, Левица два мандат, а Демократската партија на Албанците освои еден мандат.