Burç Eruygur
28 Ноември 2022•Ажурирај: 29 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Aзербејџанскиот претседател Илхам Алиев денес размени мислења со висок американски дипломат за нормализацијата на односите на оваа јужнокавкаска земја со Ерменија и за преговорите за мировен договор меѓу нив, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На средбата беа разменети мислења за средбата одржана во Вашингтон на ниво на министри за надворешни работи во врска со нормализацијата на односите меѓу Ерменија и Азербејџан и преговорите за мировен договор“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Илхам Алиев.
Во соопштението се додава дека Филип Рикер, американскиот висок советник за преговорите за Кавказ, ги пренел поздравите на државниот секретар Ентони Блинкен, при што Алиев ја изразил својата благодарност за поздравите и одговорил исто така со поздрави.
„Постојаната посветеност на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на процесот за нормализација на односите меѓу Ерменија и Азербејџан е високо ценета“, се вели во соопштението.
Претходно овој месец, Блинкен беше домаќин на разговорите во Вашингтон меѓу азербејџанскиот и ерменскиот министер за надворешни работи во врска со можниот мировен договор меѓу двете земји.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската војска го окупираше Нагорно Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан.
Есента 2020 година, во судирите што траеја 44 дена, Баку ослободи неколку градови, села и населби од ерменската окупација, што заврши со примирје со посредство на Москва. Мировниот договор во Азербејџан се слави како триумф.