Necva Taştan Sevinç
10 Јули 2025•Ажурирај: 11 Јули 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Претседателот на Полска, Анджеј Дуда, остро ги критикуваше Украина и западните сојузници за, како што рече, потценување и занемарување на придонесот на Варшава во воениот напор, предупредувајќи дека Полска нема да дозволи да биде тргната настрана во донесувањето меѓународни одлуки, јавува Анадолу.
Според полската новинска агенција Онет, Дуда изјавил дека украинските и западните претставници почнале да ја користат клучната полска логистичка инфраструктура – особено аеродромот во Жешов и автопатите – како да се нивни.
„На пример, верувам дека и Украинците и нашите сојузници едноставно веруваат дека аеродромот во Жешов и нашите автопати се нивни, извинете, како да се нивни. Па, не се нивни, наши се“, рече Дуда.
„Ако некому не му се допаѓа нешто, ние го затвораме и велиме: до видување. Да, го реновираме. Ќе го затвориме аеродромот во Жешов, па доставувајте помош за Украина по море, по воздух, со падобрани, не знам… Снајдете се, ако мислите дека не сме ви потребни“, додаде тој.
Дуда оцени дека огромната поддршка што Полска ѝ ја дала на Украина од почетокот на руската инвазија често била игнорирана или недоволно ценета.
Тој предупреди дека Полска може да ја искористи својата стратегиска позиција во воената логистика како алатка за притисок во идните преговори.
„Мислам дека имаше ситуации во кои можевме малку појасно да кажеме дека не може да бидеме заобиколени или игнорирани. А ние не го направивме тоа. И тоа беше грешка“, рече Дуда, додавајќи дека Полска има право да очекува признание и почит од своите сојузници.
Тој рече дека проблемот не е само со Киев туку и со големите западни престолнини.
„Ова не е само за разговорите со Украина. Мора да разговараме и со нашите сојузници – Германија, САД“, потенцираше тој.
Како пример Дуда го наведе самитот на НАТО во Вилнус во 2023 година кога, според него, успеал да блокира дел од заклучоците на самитот на кој не се спомна Полска.
„Мислев дека тоа е скандал“, рече Дуда, додавајќи дека требало повеќе од една година за да се измени документот.
Дуда, исто така, ја бранеше политичката вредност на неговите лични односи со украинскиот претседател Владимир Зеленски, нагласувајќи дека тие донеле „одредени политички и имиџ придобивки за Полска“ што биле „забележани и ценети од светската јавност“.
Сепак, тој уште еднаш истакна дека Полска мора да заземе поцврст став за да ги заштити своите национални интереси во новата безбедносна архитектура што се создава околу војната во Украина.