Husamedin Gina
15 Ноември 2019•Ажурирај: 17 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски изјави дека од претседателот Макрон не добил потполна гаранција дека ќе има позитивна одлука до Загрепскиот самит кој е најавено да се одржи на 6 мај наредната година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Пендаровски денеска присуствуваше на воена свеченост по повод промоцијата во офицерски чин на 19. класа и заклетвата на питомци на Воената академија, а по настанот од новинарите беше прашан дали верува во гаранциите на францускиот претседател Емануел Макрон дека новата методологија за примање на нови членки во ЕУ ќе се дознае некаде околу март месец наредната година.
Запрашан за разговорите во врска со неговата средба со францускиот претседател Емануел Макрон која се одржа во Париз на 12 ноември, Пендаровски рече дека од од францускиот претседател добил гаранција дека новата методологија за проширување на Европската унија ќе биде донесена што е можно побргу.
Франција инсистира на промена на методологијата за примање на нови членки во ЕУ, што резултираше со немање консензус за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија на поледниот состанок на Советот на ЕУ одржан минатиот месец.
„Јас сум умерен оптимист, не сум радикален оптимист. И од претседателот Макрон не добивме 100-процентна гаранција дека ќе има позитивна одлука до Загрепскиот самит. Имавме гаранција дека ќе биде донесена методологијата што е можно побргу, тоа значи до март најдоцна. Во тој дел можеме да бидеме речиси сигурни дека така и ќе се случи. Сѐ понатаму е политичка одлука“, рече Пендаровски.
Тој, исто така, истакнувајќи дека нема дополнителни барања од Европската Унија до Северна Македонија, рече дека Европа побарала време за себе, за да може да ја усвои подобро методологијата за прием на нови членки.