Zehra Nur Düz
19 Октомври 2019•Ажурирај: 20 Октомври 2019
АНКАРА
Терористите на ЈПГ/ПКК извршија 14 напади во последните 36 часа, додека турските сили целосно го испочитуваа договорот за безбедносната зона, објави денеска турското Министерство за одбрана на Твитер, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Во последните 36 часа, терористите на ЈПГ/ПКК извршија вкупно 14 напади, од кои 12 во населеното место Рас ал Ајн, еден во Тел Абјад и еден во Талм Тамр“, наведуваат од Министерството.
По состанокот меѓу делегациите на Турција и Соединетите Американски Држави (САД), предводени од претседателот Реџеп Таип Ердоган и американскиот потпретседател Мајк Панс, во четвртокот во Анкара договорено е турската операција „Извор на мирот“ да биде прекината за 120 часа. Според договорот, терористите на ПКК/ЈПГ треба да се повлечат од планираната безбедносна зона на 32 километри кон сириската територија, од јужната турска граница.
Турските сили на 9 октомври ја започнаа воената операција „Извор на мирот“ во североисточна Сирија, односно во пограничниот појас на источниот брег од реката Еуфрат, окупиран од терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Турскиот претседател Ердоган рече дека целта на операцијата е со елиминирање на терористичките елементи да се обезбеди турската граница и да се спречи формирање на терористички коридор. Целта е и воспоставување на безбедносна зона за враќање на сириските бегалци и зачувување на територијалната целост на Сирија.
Турција предупредува дека терористичката организација ПКК и нејзиниот сириски огранок ЈПГ/ПЈД претставуваат најголемата закана за иднината на Сирија, бидејќи го загрозуваат нејзиниот територијален интегритет и целост.
Официјална Анкара предупредува и дека е неприфатливо терористите на ПКК да се поддржуваат и да се сметаат за партнери во борбата против терористичката организација ДЕАШ.
Со формирањето на безбедносната зона во 30 километри широк пограничен појас на Сирија, Турција има намера да обезбеди враќање на 2 милиони сириски бегалци. Тоа подрачје се простира од Еуфрат до ирачката граница. Пречка за тој план на Турција е тоа што подрачјето е под окупација на терористите на ПКК, ПЈД и ЈПГ.
Турските сили во изминатите три години во северозападна Сирија спроведоа две успешни операции и ги неутрализираа терористите на подрачје од 4.000 километри квадратни. Станува збор за операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, во кои сириските градови западно од реката Еуфрат беа ослободени од терористичките организации ДЕАШ и ЈПГ/ПКК.
Турција сите прекугранични операции ги спроведува врз база на меѓународното право, правото на самоодбрана и ги реализира во согласност со начелата на Повелбата на Обединетите нации (ОН) и резолуциите на Советот за безбедност кои се однесуваат на борбата против тероризмот.