Admir Fazlagic
29 Август 2019•Ажурирај: 01 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) соопшти дека Советот на СОНК донел одлука во дејностите основно и средно образование, на првиот училиштен ден во Република Северна Македонија, 2 септември, да се одржи еднодневен предупредувачки штрајк, пренесува Anadolu Agency (AA).
СОНК соопшти дека на 23 август, Советот на СОНК ја одржал својата редовна седница на која извршиле детална анализа на социјалниот статус на вработените во дејностите што ги обединува СОНК.
„На седницата присуствуваше и министерот за образование и наука, г-нот Арбер Адеми, со своите најблиски соработници, кој пред членовите на Советот на СОНК истакна дека како Влада на РС Македонија вложуваат многу и се направени повеќе инвестициски вложувања и реформи во делот на образованието. Секако дека како Влада имаат желба и силно се работи на идно зголемување на платите, но откако ќе имаме јасна слика, со јасни податоци како стојат работите генерално во државата“, се вели во соопштението на СОНК.
„Неминовен беше заклучокот дека најавеното зголемување на септемвриската плата од 5 % не е доволно и смета дека процентот на зголемување на платите треба да е во согласност со процентот на зголемување на минималната плата на национално ниво, односно севкупно за 25 %. Од погоре наведените причини, доколку до 1 септември не се изнајде решение или утврди терминот на зголемување на платите во овие дејности, Советот на СОНК донесе едногласна Одлука во дејностите основно и средно образование, на првиот училиштен ден, 2 септември, да се одржи еднодневен предупредувачки штрајк“, се истакнува во соопштението.
Советот на СОНК, исто така, побара да се интензивираат преговорите со МОН, а најдоцна до крајот на месец септември, оваа година, да се утврди процентот на зголемување на платите кај вработените во сите сфери на образованието, како и утврдување на терминот и процентот на зголемување на платите за 2020 година.
„Доколку до предвидениот термин не се најде прифатливо решение, Советот на СОНК на почетокот на месец октомври ќе одржи седница на која ќе се утврдат идните чекори, не исклучувајќи го генералниот штрајк во сите степени на образование“, стои во соопштението.